Стручни лица ги едуцираа децата како да се однесуваат кон бездомните кучиња кои ги среќаваат на улица

За време на отворениот ден во ЈП „Лајка“ граѓаните имаа можност да се дружат со кучињата но и да донираат

Голем број граѓани своето слободно време викендов го искористија за да ги посетат кучињата кои во моментот се наоѓаат во просториите на ЈП „Лајка“. За време на отворениот ден, децата но и повозрасните имаа можност да се дружат со кучињата, да се едуцираат како да постапат доколку наидат на поголема група на улични кучиња, како да се однесуваат со миленичето кое го имаат но и со сите животни. Исто така, во рамките на Отворениот ден во просториите на ова јавно претпријатие, граѓаните имаа можност и да донираат храна, ќебиња но и играчки за попријатен престој на животните во просториите на ЈП „Лајка“.

Пресреќни сме на големиот одзив, особено не радува што многу деца заедно со своите родители не посетија и имаа прилика да се едуцираат како треба да се однесуваат кон нивните миленици и кон бездомните кучиња кои ќе ги сретнат на улица. Среќата не можеше да се скрие од нивните лица, а и реакцијата на кучињата зборува повеќе и од зборови – вели директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски.

Според најавите, ваквите дружења помеѓу граѓаните и кучињата и понатаму ќе продолжат бидејќи како што најавуваат надлежните од ова јавно претпријатие се планира во иднина ваквите денови да станат почеста пракса во претпријатието.

Инаку, кога станува збор за активностите на работа, од ова јавно претпријатие излегоа и со извештај за сработеното во периодот од 14 до 20 овој месец.

Имено, во овој период, екипите на ЈП „Лајка“ од јавните површини во Скопје заловиле 18 улични кучиња, 6 биле кастрирани, 6 кучиња биле стерилизирани, 11 вратени на локацијата од која претходно биле заловени, 7 кучиња биле вдомени, 5 кучиња биле донесени од страна на граѓани за да бидат привремено згрижени во просториите на претпријатието. Во овој период, немало ниту едно угинато или пак евтаназирано куче, стои во неделниот извештај на претпријатието.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот