Стравот свињи убива

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев се обиде да објасни какви последици би се случиле доколку свињите од Македонија ги зафати епидемијата на свинска чума. Тој рече дека е подобро да се заколат дивите свињи и оние што се одгледуваат во домаќинствата пуштени слободно по дворовите и така заклани да имаат употребна вредност, односно да се искористи нивното месо, отколку да се разболат сите свињи во државава и така да се уништи една цела сточарска гранка во Македонија.

Но и покрај сите аргументи на Анѓушев – дека се работи за болест за која нема вакцина ни лек, за болест која е смртоносна за свињите, за загубите што се бројат во стотици милиони евра, голем дел од јавноста зовре од најавеното истребување на дивите свињи.

Во воздух почнаа да висат многу прашања. Каква е таа наредба за 10 дена да се истребат половината од дивите свињи? По некоја логика, што помалку потенцијални пренесувачи на болеста, помалку шанси за болест. Но кој ќе гарантира дека во таа друга половина од популацијата на дивите свињи нема да се најде некоја заразена што ќе ја почне болеста.

Ловците го поставија и прашањето – колку е половина од дивите свињи. Тие прашуваат кога последен пат е направено некакво пребројување на дивечот во Македонија. За нив е апсурдна идејата за 10 дена да се заловат 4.000 диви свињи колку што бара Владата, затоа што во ловна сезона ловат најмногу 1.000 диви свињи.

Но, ако тие не можат, има кој може. Така најави вицепремиерот Кочо Анѓушев, најавувајќи го учеството на Армијата во отстрелот на дивите свињи…

И тогаш почнаа лавина коментари за тоа зошто толкава војна објавена на свињите кога болеста не се пренесува на луѓето. За многумина вакви мерки во 21 век би требало да се строго забранети и да си се отповикаат под итно. Дел од граѓаните, пак, почнаа да ја бараат заднината на ваквата ригорозност на Владата. Кај нас веќе за сè и сешто се бара заднина…

Но факт е дека од соседна Бугарија стигнуваат вести за нови жаришта на болеста. Бугарската агенција БГНЕС соопшти дека вчера во новото жариште во областа Русен биле усмртени 4.500 прасиња, со што бројот на евтанизираните прасиња во оваа област изнесува вкупно 74.400 прасиња. Сите овие прасиња се закопани, што исто така им предизвикало големи проблеми на локалните власти околу тоа каде да се најде место за погребување на прасињата.

Сепак, кај нас болеста сè уште ја нема. Веројатно е во право вицепремиерот Анѓушев кога вели дека ако се појави, ќе биде доцна за свињарството во Македонија. Но дали е исправно да се модифицира онаа народната „Стравот лозјето го чува“ во „Стравот свињи убива“. Сепак, многу е исправно и она што ги кажаа од „Анима мунди“: „Ако сите епидемии се решаваа со убивање, немаше да има живи суштества на планетава“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот