Страв од раст

Фатмир Битиќи
Фатмир Битиќи / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Стравот од раст е загриженост дека кога ќе постигнеме нешто ново, кога ќе бидеме дел од поголем пазар, нема да бидеме во состојба да ја одржиме нашата конкурентност или дека ќе страдаме поради тоа. Стравот е факторот што економските можности кои се достапни не ги насочува кон просперитет, туку кон застој. Негови носители се конзервативни структури насочени кон зачувување статус кво во основите од кои произлегува економскиот раст.

Главниот мотивирачки економски фактор за емиграциските движења од земјава е степенот на развојот во западноевропските земји, односно диспаритетот во животниот стандард. Разликите се очигледни – во 2021 година БДП пер капита на ниво на ЕУ изнесува 29.900 евра, додека во Германија, која е една од најатрактивните земји за нашите граѓани, изнесува 43.292 евра. Истата година во Северна Македонија БДП пер капита изнесува 5.651 евра.

Оваа разлика, доколку сакаме да се промени, бара засилена економска динамика што ќе испорачува повисоки стапки на раст на БДП. Но, за да го направиме ова, потребно е да воведеме и една друга перспектива во креирањето на економските политики, преку која ќе го препознаеме и стравот од раст како ограничувачки фактор во националните напори за просперитет.

Стравот од раст е загриженост дека кога ќе постигнеме нешто ново, кога ќе бидеме дел од поголем пазар, нема да бидеме во состојба да ја одржиме нашата конкурентност или дека ќе страдаме поради тоа. Стравот е факторот што економските можности што се достапни не ги насочува кон просперитет, туку кон застој. Тој исклучува, елиминира, го стеснува хоризонтот на економската перспектива на националната економија. Негови носители се конзервативни структури или идеи што интенционално се насочени кон зачувување статус кво во делот на основите од кои произлегува економскиот раст.

Исправени пред пазар во кој добрата, услугите, луѓето и капиталот слободно се движат помеѓу 27 држави, со речиси 500 милиони жители, во кој економската активност е придвижувана од 23,2 милиони компании (од нефинансискиот сектор). Економски простор во кој 4.000 вработени во индустријата за игри во Финска добиле можност и ја искористиле во 2020 година да остварат приходи од 3,1 милијарда евра, додека, за споредба, во истата година 794.909 вработени во Северна Македонија создале вредност на БДП од 10.8 милијарди евра или нашата економија со 200 пати повеќе вработени креира само трипати поголема вредност. На ова укажувам не за да се исплашиме, туку за да се мотивираме, да се инспирираме и да поттикнеме промени во насока да поддржиме што поголем број граѓани или компании за да партиципираат во економските активности и да ги ослободиме од стравот од раст.

Дарон Аџемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард) во својата книга од 2012 година „Зошто нациите пропаѓаат: Потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“ давајќи одговор на прашањето зошто одредени држави остваруваат економски просперитет, а други се заглавени во сиромаштија, користат два концепта – на екстракција и на инклузија.

Кога се зборува за екстрактивност на институциите и на економските политики се истакнува интенцијата за концентрација на моќ во мала група, која настојува да не постојат ограничувања во нејзиното манифестирање, затоа што акумулираат бенефиции. Инклузивноста е поврзана со економската слобода, со диверзификација на економската активност која ја елиминира можноста мала интересна група да поставува ограничувања во економското поле. Ослободувањето од стравот од раст е борба за инклузивност во економските процеси.

Инклузивни економски процеси се они кои граѓаните ги поттикнуваат да партиципираат во стопанските активности, ги охрабруваат да работат и да бидат креативни, да бидат вклучени во економскиот раст. Развивање инклузивност преку градење и негување на претприемачка деловна култура, која во себе ќе вклучува подготвеност за прифаќање ризик, отвореност кон иновативни пристапи и редукција на очекувањата дека државата треба да биде главниот „партнер“ на економските актери во нивното учество во пазарите. На овој начин добиваме вредносна димензија во економскиот модел, кој ќе го насочува да испорачува не само краткорочни резултати, туку и долгорочна вредност.

Плуралноста на економските актери ја зголемуваме преку мотивирање и поддршка на граѓаните директно да се вклучат во создавањето економски успеси, финансиски поддржувајќи ги во ослободувањето од стравот за претприемачки исчекор.  Ако во 2015 година преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) биле поддржани 30-ина проекти на стартап компании, заклучно со годинава се поддржани повеќе од 1.000 проекти со 66 милиони евра.

Согласно Планот за економски раст, до минатата година беа поддржани 645 компании, а годинава овој број очекуваме да се зголеми над 1.000. Во тек се динамични процеси на диверзификација на индустриското производство, во кои на системски начин на домашните компании им се дистрибуираат можности да се вклучат во создавањето на додадена вредност во економијата, односно изворите на економскиот раст ги поставуваме на инклузивни темели. Овие процеси создаваат добро платени работни места, поттикнуваат соработка меѓу домашните и странските компании и ги засилуваат технолошките и иновативните капацитети. На овој начин се гради способност и конкурентност кај домашните компании да креираат дополнителна вредност на само на нашиот пазар, туку на регионални и на глобалните пазари, односно ги ослободуваме од стравот да бидат дел од економски простор на ЕУ, кој во 2021 година создаде вредност на БДП од 14,5 трилиони евра.

Зајакнувањето на економската соработка помеѓу земјите од регионот преку конкурентност е важно за подготовка на нашата економија за влез во ЕУ, но соработката е важна и од аспект дека конкурентноста споделува и дистрибуира економски успех, а не го акумулира централизирано. Затоа регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за инклузивен просперитет на Западен Балкан.

Како држава исправени сме и пред предизвик да дадеме одговор на потребите на економијата за работна сила. И овој процес го водиме на инклузивен начин и тоа во основите каде што се прави првиот исчекор во создавањето квалификувана работна сила, која ќе биде една од потпорите на компаниите да го совладаат стравот и своите хоризонти на деловни успеси да ги постават во регионални или во европски рамки. Сè поголем број компании се вклучуваат во процесите на создавање високо обучена работна сила. Ако во учебната 2021/2022 година 210 компании биле вклучени во процесот на дуално образование, оваа учебна година бројот е зголемен на 450, со 255 паралелки и 2.763 ученици.

Ова е само еден мал фрагмент од процесите со кои креираме менталитет кај нашите бизнисмени да излезат од комфорната зона на деловните активности во македонската економија, затоа што со членството во ЕУ границите на економскиот раст ќе се постават многу подалеку. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите ние ги охрабруваме нашите компании да излезат од оваа зона, да се развиваат и повеќе од нивните моментни можности. Намалувањето на екстрактивноста во нашиот економски простор и зајакнувањето на неговата инклузивност ќе значи ослободување од стравот од раст. Ова е една перспектива преку која можеме да поставиме долгорочни и стратешки визии за националниот развој и просперитет.

(Авторот е вицепремиер за економски прашања)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот