Страв и трепет од поврат на ДДВ

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Веројатно веќе на сите им е јасно дека повратот на ДДВ е убава работа. Се скенираат сметки, и се полни касичката – денар, по денар, се создава некаква заштеда. Од друга страна УЈП ги открива оние што не сакаат да дадат фискална сметка, оние што даваат лажни сметки и така постепено се елиминираат оние што практично закинуваат пари од државната каса, на штета на целото население.

Но, тоа е едната страна од повратот на ДДВ, а другата е стравот што го донесе кај народот. Секакви забелешки и прашања стигнаа до медиумите. На граѓаните некако како да им е полесно да комуницираат со нас место со УЈП, каде, за волја на вистината, е вистинската адреса за поплаки.

До нас, допреа исплашените гласови на оние кои сега по разни основи имаат допир со оставените фискални сметки од оние што не сакале да си ги земат, па така тие ги скенираат нивните сметки. На пример, една скопјанка рече дека сопругот редовно и носел фискални сметки од еден ресторан каде што работел, затоа што гостите си ги оставале по масите, а таа си ги скенирала на апликацијата „Мој ДДВ“, но една ноќ и паднало на памет дека може некој утре да ја праша од каде ти се толку пари. Да не е тажно, би било смешно. Таа се секира што скенира туѓи сметки од ресторан, и тоа, кака што вели со износ и од 22.000 денари (и со зборови, една сметка=22.000 денари), а за потеклото на имот не се секира тој што троши толку пари на една вечер, и тоа според сметката, за едно шише скап пијалок и други „ситни“ пијалоци.

Од памет се извадил и еден наш сограѓанин кој скенирал сметка за бензин  што го ставил за потребите на фирмата. Сосема случајно разбрал дека за тоа има казна, затоа што со тие сметки поврат на ДДВ си прават фирмите. Тоа што никој не се погрижил тоа да му го каже – нема врска. А, од друга страна па и зошто да биде казнет? Ако системот го препознава како „злоупотребувач“, нека ја тргне оваа сметка од неговиот поврат на ДДВ, а не да го казнува.

Предизвикани од ваквите реакции на нашите сограѓани, додека внимателно го читавме Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, за да ги откриеме сите „кваки“ за кои јавно не се зборуваше, наидовме на тоа и дека казна од 250 евра следи и на оној што ќе скенира сметка од платена струја, вода, телефонија, греење и „друго“ како што непрецизно пишува во Законот, а што е резултат на некоја континуирана услуга. За среќа на граѓаните, во ЕВН за сметките за струја не даваат фискални, не даваат ни за вода, како и за платените телефонски сметки во „Телеком“ и во „Вип“. За сметки со одложено плаќање, велат оттаму таква обврска немаат. Но еве во  „Тлекабел“ дале сметка. И што, за 20 денари поврат на ДДВ некој треба да плати казна од 250 евра?!!!

Алооо…. Пишувачи на закони, нивни презентери и спроведувачи, гледате ли што направивте. Ни втеравте страв во коски. Сигурно сте ја слушнале онаа народната: „Сиромашниот, жив ѓавол.“ Затоа, не е ни чудо што секој што ќе начека „неискористена“ фискална си ја скенира, што продавачките во маркетите ќе излезат меѓу најбогатите затоа што ги скенираат многубројните сметки што се уште се оставаат на каса, затоа што некој возач прерадосно ќе скенира сметка од 2.000 денари за бензин ставен за фирма. И зарем, за ова ќе лепите казни. Ма ме утепа туѓиот срам од ова цела траги-комична ситуација.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот