Стратешки приоритет: „Ербас” најавува авиони на водород до 2035 година

Фото: EPA-EFE/PHILIPP GUELLAND

Развојот на авиони на водороден погон е „стратешки приоритет” на мултинационалната европска компанија „Ербас” најави такви летала во воздушниот сообраќај до 2035 година, пренесуваат француските медиуми.

Извршниот директор на „Ербас”, Гијом Фори, во интервју за „Паризиен” изјави дека „развојот на авиони без јаглерод не бара некој поголем технолошки исчекор”. Шефот на европскиот производител на авиони потсети дека компанијата веќе користи водороден погон за своите сателити и ракетата „Аријана“.

Според него, изборот и „созревањето” на технологијата ќе потрае пет години, а потоа се потребни две години за да се подготват добавувачите и фабриките.

– Почетокот на програмата е закажан за отприлика во 2028 година. Наша амбиција е да бидеме прв производител што ќе лансира ваков авион во 2035 година, рече Фори.

Овој распоред одговара на целта на „авионот без јаглерод”, поставен од француската Влада на почетокот на јуни, која планира до 2022 година да одвои 1,5 милијарда евра за помош на секторот за авијација, кој беше тешко погоден од пандемијата.

– „Ербас” подготви три концепти, рече директорот Фори.

Првиот е млазен авион со класична конфигурација до 200 места и опсег од повеќе од 3.500 километри. Вториот е авион со елиса за околу 100 патници, за пократки патувања. Третиот концепт е најкомплициран, но и најпредизвикувачки за инженерите: тој е „летечко крило” со приближно 200 седишта што „овозможува целосно поинаква конфигурација и за резервоарот со водород и за погонот”, рече директорот на „Ербас“.

– Покрај техничките достигнувања, исто така, и регулаторната рамка нужно мора да еволуира за да се овозможи употреба на водородот во комерцијалните авиони, додаде Фори.

Ќе биде неопходно и инфраструктурата на аеродромите да биде подготвена и „зелениот водород” да биде присутен во поголеми количества, посочи тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот