СТРАШНО: Повеќе од 60 проценти од Македонците работат ноќни смени и за празници, но газдите не ги плаќаат за тоа

Во Македонија, атипично работно време, кое вклучува втора смена и ноќна работа, како и викенди, има 60,3 проценти од вкупниот број на вработени.

Само Црна Гора има поголем процент од нас (64,1%), а веднаш зад нас е Турција со 60 проценти, додека атипичното вработување во ЕУ во 2018 година е намалено на 37,4 проценти, објави „Евростат“.

Од активното население во нашата земја вработени се 789.414 според Државниот завод за статистика, а тоа значи дека 476.017 луѓе работат викенди, втора смена и ноќна.

Се чини дека таков просек кај нас е направен од келнерите, бидејќи има значителен број на вработени во угостителската индустрија, при што ресторани, кафулиња и клубови најчесто работат до доцна во ноќта, како и трговците на мало, со оглед на зголемениот број трговски центри кои работат во сабота и недела и често празници, но и вработените во спортските обложувалници и електронските казина.

Работа во две смени:

Македонија 9,3 проценти од вработените

Словачка 15 проценти од вработените

Србија 9,6 проценти од вработените

Холандија 8,7 проценти од вработените

Малта 8,6 проценти од вработените

Словенија 8,4 проценти од вработените

Работата во втора смена во ЕУ значително опадна, на 14,4 проценти во 2018 година, додека во Македонија се зголеми од 20 на 29,9 проценти, а ова е најголемото зголемување на процентот на вечерната работа во Европа од 2010 година, од кога објавува „Евростат“ податоци за нашата земја. Поголем удел на вработените од Македонија во вечерните часови има во Грција, Црна Гора и Холандија.

Како што е веќе познато, во ова рангирање се опфатени поголем дел од вработените од оваа група, кои работат во бројните угостителски ресторани, трговски центри, големите супермаркети и слично. „Слободен печат“ разговараше се некои од овие вработени. Cепак поради чуствителноста, тие посакаа да останат анонимни.

– За нас нема празник-делник, секој ден е работен, без разлика дали станува збор за празник, викенд, неработен ден и слично. За ова ние не сме дополнително платени, тоа ни е пресметано во платата што ја добиваме на крајот на месецот – вели една вработена во еден од шопинг-центрите во Скопје.

Еден вработен во угостителски објект ни изјави дека тој и луѓето вработени во оваа гранка, во принцип работат на дневница која на крајот од месецот им е пресметана во цела плата, но за тоа што работат во т.н. атипично работно време не добиваат екстра.

Ноќна работа:

Грција 38,6 проценти од вработените

Црна Гора 38

Холандија 31,7

Србија 29,9

Словачка 23,6

Финска 22,5

Македонија 22,4.

Во оваа група на вработени спаѓаат вработените во фабриките, здравството, одредени услужни сектори, полицијата, електронските казина, во принцип секаде каде што се работи трета смена. Повеќето од нив за нивниот ноќен труд, според пресметките, добиваат дополнителен приход, кој е пресметан во платата.

– Нашата работа е во смени и се работи 365 дена во година. Кај нас случајот е таков, што на пример за ноќен труд, празник и слично, на основната дневница добиваме различна исплата. Посебно се пресметува третата смена, посебно некој неработен ден. Ние ги одработуваме работните часови и на крајот на месецот сето тоа се пресметува и платата варира во разлика од тоа, колку празници сме работеле, колку трети смени сме имале – вели за „Слободен печат“ вработена во едно електронско казино.

„Слободен печат“ постави прашање до Сојузот на Синдикатите на Македонија во врска дали се запознаени со оваа статистика и дали тие ќе превземат нешто со цел да се заштитат вработените од оваа опфатена група. Но и покрај ветувањето дека во текот на денот ќе добиеме одговор и нивен став, не добивме повратна информација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот