Страотна приказна: Поранешното момче ѝ фрли киселина во лицето, а три години подоцна таа храбро застана на црвениот тепих во Венеција

EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Поранешната манекенка и ТВ водителка Џесика Нотаро (30) го привлече вниманието на публиката на филмскиот фестивал во Венеција и потсети на шокантното искуство што го доживеа. Повторно ги разгори погледите на многумина потсетувајќи ги за шокантниот настан од нејзиниот живот после кој продолжи да живее најдобро што може.

Џесика Нотаро на фестивалот во Венеција/ EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Нотаро на црвениот тепих заблеска во златен фустан, а превезот на окото беше во склад со стајлингот. Џесика имаше многу успешен живот уживајќи ја привилегијата како една од омилените јавни личности во Италија. Таа беше ангажирана манекенка која се најде и во финалето за избор на Мис на Италија. Работеше и како тренер и акробат во аквариум во родниот град Римини, а се занимаваше и со танцување и пеење.

И во приватниот живот беше исполнета и среќна, во тригодишна врска со нејзиниот партнер Хорхе Едсон Таварес. Нивната љубов изгледаше навидум совршена, сѐ до кобниот настан на 10 јануари 2017 година.

Хорхе, тогаш веќе поранешно момче на Џесика, ја нападна пред нејзиниот дом во Римини. Тој ѝ фрли киселина во лицето и трајно ѝ го осакати лицето, целосно уништувајќи ѝ го левото око.

Џесика во судот во Римини, 27 април 2017/EPA/PASQUALE BOVE

Сигурно се криел меѓу останатите автомобили затоа што се појави веднаш штом излегов од автомобилот. Ја почувствував пластиката од шишето на лицето, а тој дури и ја крена раката за да се осигура дека целата киселина од шишето ќе се истури врз мене. Лицето почна да ми гори од киселината и набргу го изгубив видот. Таа ноќ во болницата се молев да ми ја земат убавината и да направат сѐ што треба, само да ми ги спасат очите, бидејќи тие се огледало на душата“, објасни Нотаро во една емотивна исповед.

EPA/GIOGIO BENVENUTI

Инаку, Џесика и Хорхе се запознале во аквариумот каде што и двајцата своеврмено работеле, се вљубиле еден во друг и така започна сѐ. На почетокот, сè било совршено, тој ја опсипувал со љубов, бил прекрасен, но потоа станал насилен. Манекенката никако не можела да го напушти, да го прекине контактот со него зашто тој постојано ја демнел, а не помогнало ниту пријавувањето во полиција.

Дека имал психички проблеми, покажа и неговиот шокантен напад со киселина, и тоа на ден кој за Џесика и онака е многу болен. Шест години порано на тој ден, 10 јануари, брат ѝ си го одземал животот.

– Таварес беше љубовта на мојот живот, и покрај сите предавства и проблеми во врската поради неговите ставови. Но, долго не можев да го напуштам. Кога почнав појасно да ги гледам работите, некако собрав сили и решив да го напуштам. Тој ми рече: „Ќе ми платиш за ова, ќе ти го уништам животот, без да те допрам со прст“ – раскажа Нотаро на судењето за Хорхе.

EPA-EFE/CLAUDIO PERI

Тој на почетокот бесрамно тврдеше дека е невин, иако полицијата пронајде шишиња со киселина во неговиот стан. На крајот беше осуден на 15 години затвор за грозоморниот напад.

Џесика помина во болница повеќе од два месеци по нападот, подложена на неколку операции, и лекарите успеаја да ѝ го зачуваат видот. Пластичните хирурзи делумно ѝ го реконструираа лицето, а таа само покажа колку всушност е силна продолжувајќи да води успешен деловен и приватен живот.

Сега работи како водителка и танчерка, а со своите објави на социјалните мрежи постојано инспирира илјадници луѓе. Само на Инстаграм има дури 349.000 следбеници. Џесика исто така си најде нова љубов и е веќе две години во врска со за јавноста мистериозен маж, со кого споделува заеднички фотографии.

EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот