Странските инвеститори од развојните зони се сретнаа со Битиќи и економските министри

Фото: Стопанска комора

Клучните иницијативи и предлози на странските компании со цел олеснување на работењето во специфични области како даночна и царинска политика, работни односи, образовен систем, работна сила, државна помош и друго, беа презентирани од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Северна Македонија на редовната работна средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и другите членови на економскиот тим на Владата.

Од Стопанската комора на Северна Македонија во соопштение велат повеќето од барања се и претходно дискутирани, но за дел од нив без конкретни резултати.

Тема на дискусијата беа барањата поврзани со реализација на конкретни инфраструктурни објекти, барања за олеснување на ангажирање на работна сила од странство, со особен акцент на експерти од профили кои недостигаат во земјава, дефинирање на јасни и унифицирани правила и усогласен пристап на институциите за оправдани инвестициски трошоци за државна помош, превод и примена на меѓународните сметководствени стандарди за финансиско известување, барање за усогласување на висината на грантовите за отворање нови работни места со растот на минималната плата, иницијатива за враќање на третманот на признаен расход за даночни цели на трошоците по основ на премии за приватно здравствено осигурување уплатени од страна на работодавецот, а во име и сметка на работникот и друго, прецизираат од Комората.

Во соопштението се додава дека од Владата биле согласни дека и во иднина треба да останат отворени за дијалог и важно е двете страни да ги почитуваат договорените обврски, но и да се испорачаат конкретни резултати низ активности кои се во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Секогаш со внимание ги слушам забелешките на инвеститорите, и сум отворен за забелешки за тоа како да ги подобриме условите за работењето на компаниите. Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата од обновливи извори на енергија, што е многу значајно за нас како Влада, рече вицепремиерот Битиќи.

Инаку, Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство ги застапува интересите на извозните компании со технолошко напредно производство со доминантно учество на странски капитал од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зони од целата држава, кои вработуваат повеќе од 35.000 лица, со реализиран извоз од државата близу 60% во 2022 година и со реализирани инвестиции околу 1 милијарда евра до сега.

Истите значајно влијаат на економски раст на земјата преку креирање на нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини и на општата благосостојба во општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот