Стоматолог Илија Караманов: Терапија на гингивите

Фото: Unsplash/Приватна архива

Третирањето на гингивитот, а во склоп на тоа и третирањето на пародонтопатијата, е процес кој воопшто не е едноставен и околу кој се вртат многу непознаници. Честопати, самите пациенти прават елементарни грешки со кои само ја влошуваат својата состојба. Една од најчестите грешки е престанувањето на четкање на забите или одбегнување на некоја регија заради појавата на крвавење. Со тоа всушност, се влошува хигиената, односно самиот причинител за појава на крвавењето.

Слично е и со избегнувањето на чистење на забниот камен „за да не се расклатат забите“, а токму присуството на забен камен е главниот причинител за губењето на потпорниот апарат на забите и нивно расклатување. Користењето на специјални пасти за заби, кои најчесто се и доста поскапи, а без притоа да се санира состојбата од страна на стоматолог, исто така најчесто поминува без да даде никаков резултат. Во тој контекст е и користењето на различни фармацевтски препарати, па дури и антибиотици.

Терапија

Многу важно е да се нагласи дека секој случај на гингивит и пародонтопатија е, пред сѐ, индивидуален. Најпрво што треба да се направи е да се посети стоматологот, кој после добро земената анамнеза и преглед, ќе ја постави правилната дијагноза и ќе ја предложи и спроведе правилната терапија. Најчесто се пристапува кон отстранување на причинителот, односно чистење на забниот камен (тврдите забни наслаги), чистење со забен конец и полирање на забите, со што се отстрануваат и меките забни наслаги. Се даваат инструкции на пациентот со цел да ги отстрани недостатоците во одржувањето на својата орална хигиена. Пожелно е по извесен период да се направи контрола на состојбата на гингивите, но и да се исконтролира оралната хигиена. Со други зборови, на лекарот му е потребно малку време за добро да ја запознае проблематиката кај пациентот за да може правилно да ја насочува терапијата. Кај изразени и поупорни крвавења се ординира и витамин Ц, кој има за задача да ги зајакне ѕидовите на малите крвни садови т. е. капиларите. По потреба се препорачува и соодветна паста за заби, тоалетни водички, поредовно користење на забен конец и интердентални четкички, а во дадени случаи се ординира и антибиотска терапија.

Воспаление на гингивите во бременоста

Овде треба да се напомене и гравидарниот гингивит (воспаление на гингивите како резултат на бременост), кој е речиси секогаш присутен, но не треба да ја загрижува многу бремената жена, затоа што е резултат на хормонските и ензимските промени во време на бременоста. Секако и овде посетата на стоматологот е правилниот чекор во санирањето на таа промена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот