Столтенберг: Западот нека се подготви, Путин нема планови за мир

Рускиот претседател Владимир Путин нема непосредни планови за мир во Украина и затоа Западот треба уште долго да се подготвува да му пружа помош на Киев, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Претседателот Путин не планира мир, тој планира уште војна“, рече Столтенберг во интервју за Гардијан.
Тој изјави дека Русија го зголемува воено индустриското производство и се обидува да „посегне до авторитарните режими, како Иран или Северна Кореја и други, во обид да набави повеќе оружје“.
Жестоките судири, кои во моментов се случуваат околу Бахмут, во источна Украина, покажуваат дека Русија е подготвена „само да фрла илјадници и илјадници војници и да направи многу жртви за минимални придобивки“, рече генералниот секретар на НАТО.
Поради оваа причина, според него, САД, Велика Британија, Франција, Германија и другите западни земји мора да бидат подготвени да ја поддржат Украина со оружје, муниција и резервни делови уште долго време.