Столтенберг: Русија да не презема нови агресивни дејствија на границата со Украина

Јенс Столтенберг
Јенс Столтенберг / Фото: EPA-EFE/KENZO TRIBOUILLARD / POOL

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ја предупреди Русија да не презема нови „агресивни дејствија” на границата со Украина, каде што во последните недели се забележани „големи и невообичаени” движења на руски војници.

„Секоја понатамошна провокација или агресивна акција од страна на Русија би била многу загрижувачка. Ја повикуваме Русија да биде транспарентна за своите воени активности”, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел со украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеб.
Соединетите Американски Држави, Европската унија и Франција веќе изразија загриженост за движењето на руските војници на украинската граница. Германија ја повика и Москва на „воздржаност”.
„Мораме да спречиме воена ескалација”, изјави во Берлин портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, повикувајќи ја Русија „да покаже воздржаност и да се врати на преговарачка маса”.
Ситуацијата во регионот е многу напната откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Седум години Украина е во конфликт со проруските сепаратисти на истокот од нејзината територија.
– Она што сега го гледаме долж границата не е само воено засилување, бидејќи Русија пролетта донесе армада на нашата граница и оттогаш не ја повлече. Сега гледаме влошена ситуација во која Русија покажува дека може брзо да активира трупи и опрема и дека сите опции се на масата на руските лидери, рече Кулеб во седиштето на НАТО во Брисел.

Столтенберг истакна дека Атлантската алијанса внимателно ја следи ситуацијата, повторувајќи дека сојузниците сметаат дека анексијата на Крим е „нелегална.”

– Сите земји-членки на НАТО едногласно го осудуваат однесувањето на Русија, рече Столтенберг.

Видео на денот