Столтенберг: НАТО продолжува да ја поддржува меѓународната борба против тероризмот

Тој, воедно ја истакна важноста да се оди напред во тесна координација и консултација со Глобалната коалиција и ирачката Влада. 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска, преку видео врска, се обрати пред министрите за надворешни работи од Глобалната коалиција за пораз на терористичката Исламска држава и порача дека и покрај напредокот, заканата од тероризам останува.

– Постигнавме огромен напредок. Даеш ја изгуби контролата врз териториите што некогаш ги имаше, но заканата од тероризам останува , рече генералниот секретар. – Токму затоа НАТО продолжува да ја поддржува меѓународната борба против тероризмот и е подготвено да ги засили своите напори. Во февруари, министрите за одбрана од НАТО донесоа одлука да ја зајакнат мисијата на НАТО во Ирак, а се согласија и да разгледаат што може да направи повеќе НАТО во поширокиот регион на Блискиот исток, потенцираше Столтенберг. Тој истакна дека Алијансата останува посветена на тие одлуки.

– Ковид-19 и безбедносната состојба влијаат врз нашите операции, па и мисијата за обука и советување на НАТО е делумно паузирана, но сега ги обновуваме нашите капацитети и активности, рече генералниот секретар пред 35 министри за надворешни работи.

– Одиме напред, нашата цел останува иста: градење самоодржливи ирачки безбедносни сили, способни да го спречат враќањето на Исламска држава, да ја стабилизираат нивната земја и да се борат против тероризмот , рече Столтенберг.

Тој, воедно ја истакна важноста да се оди напред во тесна координација и консултација со Глобалната коалиција и ирачката Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот