Столтенберг: Анексијата е досега најголемата ескалација на војната во Украина

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО. / Фото: МИА

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека анексијата на четирите украински региони: Херсон, Запорожје, Донецк и Луганск од страна на Русија е “најголемиот обид за насилна анексија на територија во Европа од втора светска војна” и дека тој претставува „најголема ескалација досега“ на конфликтот меѓу Русија и Украина.

Со ова и со делумната воена мобилизација, како и нуклеарните закани на рускиот претседател Путин, постигната е “најголемата ескалација од почетокот на воената агресија на Русија врз Украина”, на 24 февруари оваа година.

НАТО и земјите членки ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и во враќањето на анектираните територии, рече Столтенберг.

-Украина има право да ги врати украинските територии окупирани од руските сили, да се бранат и да ги ослободат териториите, и обидот за нелегална анексија не ја менува природата на конфликтот, изјави Столтенберг. И додаде дека ако се прифати анексијата од страна на Русија и нуклеарните закани, “тогаш прифаќаме нуклеарна уцена, дека со закана за употреба на нуклеарно оружје авторитарни сили можат да постигнат тоа што сакаат”, изјави шефот на НАТО.

Тој рече дека само Путин има одговорност да ја прекине војната.

Во однос на апликацијата за членство во НАТО, потпишана од украинскиот претседател Зеленски попладнево, Столтенберг повтори дека секоја земја во Европа има право да аплицира, но дека во моментов фокусот е да и се помогне на Украина. Првиот човек на Алијансата не одговори ниту за можноста за брзо приклучување кое го бара Зеленски, по примерот на Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот