Столтенберг: Алијансата ќе продолжи да ги набљудува терористичките обиди во Авганистан

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО. / Фото: МИА

По првиот ден од министерскиот состанок за одбрана на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг порача дека Алијансата ќе продолжи да набљудува што се случува во Авганистан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Првиот физички состанок на министрите за одбрана на НАТО беше посветен на геополитичките предизвици и лекциите што треба да се извлечат по повлекувањето на воените трупи од Авганистан, каде талибанците ја преземаа власта.

– Разговаравме како да се сочуваат добивките и Авганистан никогаш повеќе да не биде безбедно место за терористи, ќе ги набљудуваме сите обиди на терористичките групи да се здружат во Авганистан и имаме капацитет за удар над хоризонтот, рече генералниот секретар на НАТО на прес конференцијата.

Што се однесува до талибанската власт, сојузниците се сложиле денеска дека ќе бараат отчетност од нив, пред сѐ во делот на отворање безбеден пат за тие што заминуваат и почитување на човековите права.

Столтенберг ги поздрави земјите кои примија авганистански бегалци и им обезбедија нов живот. Утре ќе се разговара и за глобалната коалиција против ИСИС.

Сојузниците исто така се заложиле дека ќе продолжат да одговараат „пропорционално” на заканите од Русија и дека немаат намера да распределат копнени проектили против оваа земја.

Генералниот секретар се осврна повторно и на разговорите во ЕУ за креирање сопствена одбрана.

– Ги поздравувам напорите на ЕУ во делот на одбрана кога станува збор за зголемување на подготвеноста и обезбедувањето нови капацитети, денеска сојузниците, меѓу кои и ЕУ сојузници, се сложија дека треба да се зголеми подготвеноста на силите, изјави Столтенберг.

НАТО очекува ЕУ да не ја гради својата одбрана во конкурентност со Северноатлантската алијанса. 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот