Стоилов: Вардар е специјален клуб

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов беше еден од клучните ракометари на „црвено-црните“ во освојувањето на втората титула во Лигата на шампионите. Капитенот кој со неговата борбеност се имплементира како еден од најпрепознатливите ракометари низ ракометните сали во Европа, поради повреда ќе го пропушти стартот на новата сезона во ЛШ, во која Вардар ја започнува на идентичен начин како и минатата сезона, против францускиот Монпелје.

– Минатата сезона имавме многу проблеми но на крајот некако успеавме да надминеме сите тие проблеми и да триумфираме во Лигата на шампионите. Не мислам дека некој натпревар претставуваше пресвртница во сезоната, одевме чекор по чекор и на крајот успеавме да ја искачиме на победичкиот пиедестал. Што се однесува до новата сезона, бевме во ваква ситуација пред две сезони, како бранители на трофејот. Од искуство знаеме дека оваа година ќе ни биде потешка од претходната, но на Вардар му годи притисокот. Кога сме под притисок играме подобро, но кога си шампион, треба да се однесуваш како шампион, а тоа воопшто не е лесно – вели Стоилов во интервјуто за официјалниот сајт на ракометната Лига на шампиони.

Стоилов осма сезона ќе биде дел од Вардар, открива што го прави „црвено-црниот“ тим толку специјален.

– Вардар е специјален клуб не само за скопјани, туку за целата земја. Овој клуб има голема навивачка база, тука се најдобрите навивачи, Комитите, и јас сум еден од нив. Мојот татко е вљубен во Вардар и љубовта кон овој клуб ми ја пренесе одамна. Се сеќавам, кога бев многу млад одев на стадион за да гледам фудбалски средби на Вардар. Денеска ја носам капитенската лента со гордост и со чест и среќен сум што на мојата земја во овие тешки времиња и донесовме радост – открива капитенот на „црвено-црните“.

Вардар одбраната на титулата ќе ја започне под водство на нов тренер, Шпанецот Давид Писонеро, кој доаѓа на местото на неговиот сонародник Роберто Гарсија Парондо.
– Не поминав долго време на подготовките со Писонеро и соиграчите поради повредата, но тоа што го видов, станува збор за добар и коректен тренер. Тоа се добри знаци за здрав однос помеѓу тренерот и играчите.

Стоилов на стартот од сезонава нема да може да ги предводи своите соиграчи на теренот, туку ќе ги бодри од трибините поради повредата.
– Рехабилитаицјата оди споро и ќе ги пропуштам воведните натпревари во ЛШ но со нетрпение чекам да се вратам на теренот што е можно побрзо – додава Стоилов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот