Стивен Спилберг: Бев беспомошен кога ѝ го одземаа детството на Дру Баримор

Режисерот Стивен Спилберг отсекогаш бил татковска фигура во животот на актерката Дру Баримор, но тој морал да ја одбие кога таа го замолила да ѝ биде „вистински татко“ за време на снимањето на нивниот филм „E.T. the Extra-Terrestrial“ (1982). Актерката имала само седум години кога глумела во овој, сега веќе, легендарен филм на Спилберг, пишува „Варајети“.
Во новото интервју на актерката за „Валчр“, таа изјави дека Спилберг бил „единствениот човек во нејзиниот живот кој бил татковска фигура за неа“. На крајот, тој прифатил да ѝ биде кум.
Од друга страна, вистинскиот татко на Баримор, актерот Џон Дру Баримор, бил насилен алкохоличар.

За време на снимањето на „E.T. the Extra-Terrestrial“, Спилберг правел сѐ да ја зачува магијата на главниот лик пред малата Баримор. Со други зборови, таа мислела симпатичниот вонземјанин е вистински, а режисерот сакал тоа да остане така. По неколкунеделното снимање, Баримор примерила дека неколку мажи управуваат со Е.Т. и побарала тие да го напуштат сетот.
„Не сакав да ѝ го уништам доживувањето. Па, едноставно, ѝ реков: ‘Океј е, Е.Т. е толку посебен Е.Т., што има дури осум асистенти. Јас сум режисерот, јас имам само еден’“, изјави Спилберг.
Исто така, Спилберг ги држел операторите близу себе за време на периодот кога не го снимале филмот, како што се паузите за ручек, за да може Баримор да јаде со Е.Т.

Како што пишува „Валчр“, Баримор поминувала време со Спилберг за време на викендите, тој ѝ подарил мачка по име Герти и ја однел во Дизниленд.
Во исто време, приватниот живот на малата Баримор станувал сѐ попроблематичен поради нејзиниот насилен татко. Подоцна во животот, Баримор откри дека почнала да користи марихуана на десетгодишна возраст и кокаин на дванаесетгодишна возраст. Во истиот период, почнала да се лечи од зависност од дрога.

Кога го снимала филмот „E.T. the Extra-Terrestrial“ на седумгодишна возраст, Баримор пристигнувала на сетот со кармин на усните, а Спилберг ѝ велел да го избрише.
„Таа остануваше будна до доцна, одеше на места за кои требаше само да слуша (од возрасните) и живееше како возрасна на многу нежна возраст, нешто што ѝ го одзема детството. Сепак, јас се чувствував многу беспомошно бидејќи не бев нејзин татко. Можев само да ѝ бидам советник“, изјави Спилберг за „Валчр“.