Стил на неделата: Вана Урошевиќ, уметница 

Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Национална галерија на Р.С.Македонија и претседател на Македонскиот национален комитет на ИКОМ, за „Женски печат“ одбра стил на неделата, а според неа тоа е уметницата Вана Урошевиќ. 

– Несекојдневниот вкус на Вана Урошевиќ произлегува од нејзината љубопитна собирачка страст на ретки предмети, која, од своја страна, се рефлектира врз дела во кои основни чинители се теми од доменот на надреалното и потсвеста и сведочат за потребата за допирот со Необичното, Неверојатното, Различното.

Вана Урошевиќ е современ македонски ликовен уметник, кој дејствува на полето на новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Основен материјал во кој се реализирани делата на Вана Урошевиќ е рачно боената свила, врз која аплицира цртежи, фотографии и текстови, создавајќи на тој начин еден мултимедијален простор што е исполнет со многубројни, взаемно вкрстени значења. Изработува и објекти и инсталации, користејќи понекогаш и елементи од органска природа: крзна, животински коски, инсекти, а во проектите вклучува документи, фотографии, цитати…

Сите овие извори се соединуваат во стилот и творештвото на Вана Урошевиќ во едно единствено доживување на некогашните фасцинации пред отстапувањата од секојдневието со уживање во зачуденоста како еден од облиците на современиот сензибилитет.

Факултетот на ликовните уметности го завршила во Белград, во класата на професорот Младен Србиновиќ, а последипломските студии на истиот факултет, во класата на професорот Радомир Рељиќ. Во 1987 година имала студиски престој во Париз, а во 1988 година, како стипендист на италијанската влада, била на специјализација во Венеција, на Академија на убавите уметности. Имала самостојни изложби кај нас и во повеќе градови во светот. Во 2003 година била претставник на Македонија на Педесеттото ликовно биенале во Венеција, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Национална галерија на Р.С.Македонија.

Маја Чанкуловска-Михајловска

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот