Стил на Неделата: НАТАЛИ БАШОСКИ, уметница
Анжелика Апсис, ПР на Музејот на современата уметност – Скопје и член на Советот на Град Скопје за „Женски печат“, одбра стил на неделата, а поред неа, тоа е уметницата Натали Башоски.
– Се радувам на новиот храбар 21 век. Младите луѓе ја бараат убавината и ни ја носат пред очи затоа што ние заборавивме да ја препознаеме. Тие се храбри и не се задоволуваат со малку. За нив не постојат граници, тие го живеат 21 век. Натали Башоски е токму една од нив, има холандско-македонско потекло, иако детството го минала во охридското село Пештани.
Таа е современа уметница, автор е на неколку кратки филмови, три камерни изложби, како и на самостојната изложба во „Галери МЦ“ во Њујорк.
Нејзиниот израз или стил не е видлив само во нејзините дела, на нејзиниот изглед, начинот на кој се облекува или начинот на кој се движи. Таа носи со себе една толку силна порака, а тоа е дека многу треба да работиш и да веруваш во тоа што го создаваш за да имаш право на своето место. Но најважно од сè е, во сето тоа да си многу искрен пред светот. Само тогаш имаш право да го бараш најдоброто од него, вели Анжелика Апсис.