Стихозбирката „Форми во создавање“ од Љубица Шопова е како копнеж по слободата

Стихозбирката „Форми во создавање“ од Љубица Шопова, објавена од „ПНВ Публикации“ минатата година, својата промоција ја имаше на 5 август оваа година во кафе-книжарницата „Буква“. Модератор на промоцијата беше Јулијана Величковска, а книгата ја промовираше поетесата Ана Голејшка Џикова.

– Она што плени во дебитантската стихозбирка на Љубица е тоа што сѐ што е напишано е тука за да се создаде, за да излезе, да се испили од големиот облак што наутро ѝ цеди кафе, на средбата со себеси. Низ песните, Љубица ја раскажува прогнозата за животот, преку силните (раз)врски со семејното јадро, мајчинската топлина, ритуалите со таткото, врската со она што е внатре, во домот, но и предизвикот свртен кон надвор, кога времето истекува низ годините. Притоа, темите се како месо, крв и роботика – песните функционираат на ниво со современото употребување социјални медиуми, компјутери, алатки што го поврзуваат човекот со иднината, со она што е форма на ново создавање, нова креација – забележува Ана Голејшка Џикова.

Песните објавени во стихозбирката се пишувани во текот на четири години, а авторката Шопова, која работи како економист што својата страст за пишување ја изразува со поетски стихови како начин на себеоткривање во светот што ја опкружува, истакнува дека „пишувањето е копнеж по слободата“.

Професорот Владимир Мартиновски додава дека „поетскиот првенец на Љубица Шопова претставува концептуално доследно осмислено, поетички зрело и мајсторски заокружено остварување. Во секоја песна на Шопова се излегува од ’зоната на комфорот‘ на готови и испробани поетски формули“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 92, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот