СТИХОЗБИРКА: Поезијата како засолниште од реалниот свет

Издавачот „Чудна шума“ ја промовираше стихозбирката „На погрешната страна“ од дипломатот, писател и поранешен новинар, Пајо Авировиќ.

Промоторите на стихозбирката „На погрешната страна“, новинарот Ѕвездан Георгиевски и професорот Владимир Мартиновски, со извесна доза на изненаденост и очудување ги искажаа своите размисли околу делото на Пајо Авировиќ. Во своето излагање Георгиевски се повика на три дигресии поврзани со неговото познанство со Авировиќ. Првата се однесуваше на времето кога тој бил уредник, а Авировиќ бил соработник на некогашниот неделник „Пулс“. Изненадувањето што тогаш го доживеал, биле културолошките вредности и смислата за хумор што ги содржеле новинарските текстови на Авировиќ.

Втората дигресија се однесуваше на времето кога со својот деби-роман „Џахиз и истребувачите на кучиња“ Авировиќ ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година, прецизирајќи дека станува збор за интелигентно напишан роман за распадот на една држава. Третата дигресија се однесуваше токму на стихозбирката „На погрешната страна“, која ја промовира, и која, исто така, го изненадила, дури и фрапирала, со универзалноста на поезијата, приказните за човекот и длабоките хуманистички пораки.

Промоторот Ѕвездан Георгиевски (Фотографија: Кире Галевски)

– Стихозбирката е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, притоа интензивно делувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, при тоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство – рече Ѕвездан Георгиевски.

Професорот Владимир Мартиновски, пак, својата рецензија на поезијата на Авировиќ ја наслови „На вистинската страна“, спротивно од насловот на книгата. Причините за тоа Мартиновски ги наоѓа во чувството дека додека ги читаме песните од стихозбирката „На погрешната страна“, всушност се наоѓаме на „вистинската страна“. Притоа, тој не мисли на некаков политички, социјален или идеолошки табор во длабоко поделеното општество, туку на „поразителната искреност и отвореност, лаконската прецизност во јазичниот израз, неопходната симболичност, алузивност и повеќезначност на стиховите на Авировиќ“. Спојувајќи ги дипломатијата и пишувањето како дел од личноста на Авировиќ, професорот Мартиновски прецизираше дека „дипломатијата е уметност во преговарањето, додека пишувањето е преговарање со самиот себеси“.

Промоторот Владимир Мартиновски (Фотографија: Кире Галевски)

Авторот Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Дипломирал ориентална филологија во Сараево и работел на универзитетите во Сараево и во Белград. Бил постојан соработник на неделникот „Пулс“. Од 1997 година е во македонската дипломатска служба, каде што извршува повеќе одговорни функции, во МНР и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Службувал во Париз, Њујорк и во Тел Авив. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија. Илустрацијата и дизајнот на корицата на стихозбирката е на Зоран Кардула.

Пајо Авировиќ (Фотографија: Кире Галевски)

Авторот на „На погрешната страна“ пред присутните на промоцијата си постави три прашања, кои ги чувствува како клучни за создавањето на делото: Зошто пишува?; Зошто ретко пишува?; и Зошто пишува поезија во поодминати години од животот? Заедничка нитка што ги поврзува одговорите на сите негови прашања е поезијата како засолниште од реалниот свет.

– Пишувањето е начин да се засолнам и од себе и од ветриштата на секојдневието и од предизвиците на кои немам одговор. Иако живееме во свет на голема индивидуална слобода, сепак човекот стана многу зависен и ограничен од високата технологија, од демагогиите и од идеологиите. Затоа пишувањето ми е како манастир во кој чувствувам блажен мир. А крајната цел е пронаоѓањето на личната слобода и на вистината. Планирам и понатаму да се занимавам со пишување поезија, бидејќи таа ни овозможува со малку зборови да кажеме нешто суштинско. Притоа, се чувствувам добро во својата кожа, и како дипломат и како писател – рече Авировиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 20, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29 февруари – 1 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот