Стихозбирка „Компјутерска поезија“: Игра со конвенционалното на Славчо Ковилоски

Неодамна, во издание на книгоиздателството „Ми-Ан“, излезе од печат збирката „Компјутерска поезија“ на македонскиот поет, прозаист, книжевен историчар и културолог Славчо Ковилоски (Скопје, 1978).

„Во книгата, авторот ги зема добро познатите симболички, митски, фолклорни елементи, стварите од секојдневието, малите парчиња од културата и културното наследство и ги преработува, си поигрува со нив, често ги разложува на значенско ниво, за да ги организира во сопствениот поетски дискурс, добивајќи притоа сосема нови ставови, светогледи, па и нови означители и означувачи. И уште: овој пристап не секогаш е веднаш препознатлив и директен. На тој начин, Ковилоски ги маскира/трансформира нормите, што неговата поезија ја прави динамична, понекогаш цинична, но секогаш читлива и провокативна. Од перформативноста на поезијата до слемот е само еден чекор“, истакнуваат од „Ми-Ан“.

Мотивите, инспирацијата, цитатите во оваа книга се земени од широкото подрачје на интереси на Ковилоски. Од популарната култура, преку фолклорот и секојдневниот живот до љубовта и митот. Разградувајќи ги и повторно (поинаку) вградувајќи ги во својата поезија на иновативен и креативен начин, Ковилоски се оддалечува, значајно се оддалечува од формалноста и шаблонизирањето на стихот, создава нова, современа поезија, која бара нови изразни средства, нови форми, но, секако, и нови содржини. Славчо Ковилоски работи во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот