Стево Пендаровски ме претрка!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Претседателот на државата Стево Пендаровски со мало задоцнување активно се вклучи со свој став околу целата афера настаната со случајот „Рекет“. И нормално и тој е разочаран, затоа што не се работи само за персонална слабост во поведението на одредени високи, или помалку високи кадровски решенија во политиката, обвинителството или судскиот систем. Пред сè се работи за кредибилитетот на нашата држава и уште повеќе се доведува во прашање и нејзината меѓународна перспектива.

И се слагам со Пендаровски кога своето внимание главно го посветува на евроатланската агенда на Македонија. Но она што веднаш го забележав во четирите точки од барањата до институциите е точката- ТРИ.

Таа ниеден медиум не ја апострофираше во насловот, а е со посебна порака до сите инволвирани во аферата „Рекет“ намерно или ненамерно.

Вака вели Пендаровски:

„Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери“.

Што да кажам, ме претрка Стево!

Ова по мене е најдоброто излезно решение во оваа ситуација за високо позиционираните политички личности во државата, иако нивниот ПР можеби ќе ги премислува. Огромен ефект кај граѓаните ќе има ако тие самоиницијативно без предрасуди и страв покажат лидерство и докажат дека немаат ништо со споменатата афера. Подобро одошто да чекаат да ги повикува надлежен обвинител, независно што тие и самите повикаа да се тера до крај со истрагата. На тој начин ќе им ја олеснат работата и на самите институции кои ќе добијат кураж да бидат поагилни во расчистување на случајот. Се разбира никој не очекува одењето пред обвинител да се сфати како признание на вина. Напротив, како чистилиште во кое секој ќе каже она што има да го каже, но истрагата и обвинителството да се држат до презумцијата на невиност.

Сметам дека на тој начин ќе се измијат од сета сомнеж и политичка прашина што домашната јавност им ја нафрли. Со или без право!

Тоа сепак не значи дека оние кај кои во истрагата ќе се открие дека биле инволвирани во аферата „Рекет“ или во други криминални активности ќе бидат амнестирани. Напротив, кој е чист ќе си оди со крената глава. Другите се знае каде…!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот