Стерјовски со барање во албанскиот парламент: Општина Пустец да биде опфатена со Националниот план за изградба на водоводни и канализациски мрежи

Васил Стерјовски/Фото: МИА

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, во попладневниот дел од пленарната седница побара Општина Пустец да биде опфатена со Националниот мастер план за изградба на водоводни и на канализациски мрежи.

– Го поддржувам договорот за заем помеѓу Република Албанија и КФВ за финансирање на Програмата „Општинска инфраструктура V” и барам вклучување во Националниот мастер план за водоснабдување и канализација и инвестиции во колекторски систем во Општина Пустец. Канализацијата и отпадните води кои се испуштаат на отворено и во Преспанското Езеро се главниот проблем за селата на Општина Пустец, бидејќи само две села го имаат решено проблемот со канализацијата, рече тој образоложувајќи го барањето.

Според него, испуштањето на отпадните води на отворено и во Преспанското Езеро претставува опасност за жителите и животната средина и би било „утопија да се зборува за развој на туризмот без да се реши проблемот со канализацијата”.

– Националната агенција за водовод и канализација треба да инвестира во канализациската инфраструктура во Општина Пустец, не само за заштита на Преспанското Езеро, туку и за здравјето на жителите, порача тој.

Претходно, Стерјовски се избори за потребните средства за изградба на водоводна мрежа за сите населени места во Општина Пустец. Станува збор за фонд од четири милиони евра одобрени од буџетот на албанската Влада.

Со овој проект се очекува за околу 5.200 жители на Општина Пустец, еднаш засекогаш да биде надминат овој горлив проблем. Притоа изрази убедување дека ќе бидат прифатени неговите барања да се инвестира во изградба на водоводи во село Врбник и областите Голо Брдо и Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот