Стерјовски и Заев разговараа за положбата на македонската заедница во Албанија

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, воедно и пратеник во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, вчера попладне остварил средба со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

– Срдечна средба во Владата на Република Македонија со премиерот, Зоран Заев со кого разговаравме за положбата на македонската заедница во Албанија и за меѓусебната соработка на Албанија и Македонија, напиша Стерјовски на „Фејсбук”.

За средбата простор отстапија и албанските медиуми.

– Пратеникот од Корча, Васил Стерјовски го прави она што многумина не го прават. Овој пратеник долго време лобира во Македонија за албанско-македонската заедница во Република Албанија. Тој се сретна со македонскиот премиер Зоран Заев, наведува телевизијата „Корча”.

Според дел од медиумите, меѓу другото на средбата станало збор и околу барањето на Македонците од Голо Брдо граничниот премин Џепиште-Требиште, кај Дебар што побрзо да почне да функционира 24 часа и од локален премин од трета категорија, да премине во регионален премин од втора категорија.

– Владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа, но оваа одлука сè уште не е спроведена. Ова прашање Стерјовски го актуализира и на седница на албанскиот парламент, додаваат медиумите.

Овој премин беше отворен во 2013 година и работи од 8:00 до 20 часот во летниот период и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период, со заедничка полициска контрола а бидејќи е од локален карактер тука може да минуваат само жителите од пограничниот регион од двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот