Стерјовски бара одговори од Цакај за преминот Џепиште-Требиште и за оној кај Церје

Пратеникот од македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, достави барање до парламентот со кое од Министерството за Европа и надворешни работи побара ресорниот министер, Гент Цакај, на пленарна седница да даде објаснување за две прашања од интерес на Македонците.

– Побарав објаснување во врска со неспроведувањето на одлуката на Владата на Република Албанија и Владата на Република Македонија, кои на заедничкиот состанок одржан во Подградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука за 24-часовно работење на заедничкиот граничен премин Требиште-Џепиште, како и за отворање на граничниот премин со Грција на територијата на општина Пустец, кај  селото Церје, изјави Стерјовски за МИА.

Во образложението на барањето тој наведува дека граничниот премин Требиште-Џепиште, кај Дебар, кој  беше отворен во 2013 година, е од локален карактер и со заедничка албанско-македонска полициска контрола и можат да минуваат само жители на пограничните области на двете земји, и тоа од 8:00 до 20:00 часот навечер во летниот и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период.

-Барам министерот да даде одговор на тоа зошто се одложува спроведувањето на заедничката одлуката на албанската и македонската влада за 24-часовно работење на заедничкиот граничен премин Требиште-Џепиште и кога овој граничен премин треба да започне да функционира 24 часа, посочи Стерјовски.

Стерјовски бара одговор и на барањето на жителите на општина Пустец и локалната власт околу отворањето на граничниот премин со Грција на територијата на општина Пустец во селото Церје, чие отворање ќе донесе посебен развој за општината Пустец, ќе ја зголеми економската соработка помеѓу жителите од двете страни на границата и ќе го зголеми бројот на туристи како во општина Пустец така и во градот Корча.

-Барам одговор за тоа дали албанските заедно со грчките власти планираат отворање на граничниот премин во селото Церје во општина Пустец на албанско-грчката граница и дали има некаква конкретна студија или проект за изградба на инфраструктура на овој граничен премин, рече Стерјовски.

Во согласност со роковите утврдени во Уставот и Деловникот на Собранието на Република Албанија објаснувања пред народнте избраници министерот Цакај треба да даде најдоцна за две недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот