Стереотипи и предрасуди- наставниците ги учат девојчињата да не бидат мрзливи домаќинки

Продолжуваме да ловиме непримерни и непристојни содржини во учебникот по македонски јазик за петто одделение. Во време кога на големо се зборува за еманципација на жената во општеството, еднаквост и рамноправност, авторите Љубица Севдинска и Весна Настоска, рецезентите проф. д-р Благица Петровска (претседател), Митра Цилевска – професор по македонски јазик и Билјана Герас – професор по македонски јазик, одлучиле во учебникот да дискриминираат и шират предрасуди за жените.

Имено, на децата им биле давани задолженија да посочуваат примери од нивното секојдневие, и да етикетираат мрзеливи жени, анализирајќи македонска народна приказна. Според родителите кои изразуваат потполно несогласување со ваквиот начин на изразување, воопшто не е спорна приказната, која е создадена пред еден или два века, кога начинот на живот бил поразличен од денешниот.

Проблематичен е обидот на креаторите на овој учебник да ги стават жените во подредена положба во која единствена задача им е да извршуваат домашни обврски. Во 21 век кога на значајни раководни позиции во големи корпорации, лидери на политички партии и врвни лекарски специјалисти се жени, македонските наставници уште на десетгодишна возраст ги учат девојчињата како да бидат добри и вредни сопруги.

Дискусијата на часот, проследена од прашањата „Познаваш ли некоја жена како мрзливата сопруга“, и „Какво мислење имаш за неа“, се апсолутно непотребни на час по македонски јазик, бидејќи не нудат никакви дополнителни знаења за македонскиот јазик и литература, туку напротив, штетни се во понатамошниот развој на децата, смета социологот Илија Ацевски.

– Ако на час наставничката ги праша децата дали познаваат мрзелива жена, што мислите дека ќе одговорат? Голема е веројатноста поради детска наивност некое да каже „Мојата мајка е мрзелива“, или да биде посочена мајката на некој од соучениците, што пак е основ за понатамошни пореметувања на социјалното и друштвено однесување поради исмевање на посочените деца“, предупредува Ацески.

Дали Министерството за образование и наука постапува согласно правилата и критериумите при давањето дозвола за еден учебник да биде дел од наставната програма го прашавме министерот Арбер Адеми кој потсети дека во февруари 2018 година бил донесен Закон со кој се овозможува повлекување на учебници доколку во нив се констатираат неправилности.

– Незадоволните родители, кои сметаат дека во учебниците на нивните деца се изучуваат неадекватни содржини, можат до педагошката служба да поднесат иницијатива за промена на дел од лекција. Доколку се утврди дека постои основ за такво нешто, постои можност за промена на 30 проценти од текстот, или пак истиот целосно да се отстрани – објасни Адеми, при тоа потенцирајќи дека пред еден текст да се објави поминува низ повеќе филтри, од истакнати стручни лица од областа, со цел да се избегнат нерегуларности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот