
Стефковски вети пред избори, најавува реализација на крајот на мандатот: Ќе се обнови ли конечно „домчето“ во Ченто?
Бидејќи освен најави досега ништо конкретно не е направено за запуштениот и руиниран објект, граѓаните сега се надеваат дека претстојните локални избори веројатно ќе бидат добар поттик за актуелниот градоначалник конечно да го реализира она што го ветил на последните локални избори.
Ветувањето кое градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски го даде пред граѓаните во изборната кампања во 2021, најавува дека ќе го реализира во последните месеци од неговиот мандат – дека ќе го реконструира руинираниот Дом на култура во Ченто, кој е надвор од функција речиси три децении.
Препорачано
Со задоволство сакам да најавам дека за неколку денови започнува целосна реконструкција на Домот на културата во Ченто. После неколку децении жителите на Ченто и граѓаните на општина Гази Баба ќе добијат место кое ќе претставува центар на културата во нашата општина. И овој проект е дел од мојата изборна програма, а ние ветените проекти ги реализираме – напиша Стефковски на Фејсбук, без точно да прецизира било какви детали околу претстојната реконструкција.
Домот на културата или како што го нарекуваат жителите на населбата „домчето“, лоциран во паркот во Ченто, на времето било омилен културен центар на граѓаните од овој дел на градот. Во објектот со површина од 2.800 метри квадратни имало голема бина, сала со повеќе од 300 седишта, кино. Сега е руинирано и сосема запуштено место,а според тврдењата на жителите објектот е претворен во собиралиште на зависници, преполн со ѓубре и употребени шприцеви и, како што тврдат, преставува огромна закана за локалното население, но и за животната средина.

Летото 2022 година седумгодишно дете играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект паднало и се набодело на користена игла на шприц од зависник од дрога. Граѓани по немилиот настан жестоко реагираа до градоначалникот и од него побараа итно да најде решение за долгогодишниот проблем и да го исполни своето ветување за реконструкција на објектот. Стефковски посочи дека веќе се изготвува проект, иако неговиот претходник, Борис Георгиевски, на крајот од својот мандат тврдеше дека за Домот е изготвен основен проект кој предвидува повторно активирање на салата и враќање на библиотеката во објектот, а дека се предвидени и простории за младите.
Иако проблемот е долгогодишен со жалење констатирав дека во општината не постои изработен проект. На почетокот на годината од моја страна беше издаден налог за изработка на проект за реконструкција на Културниот дом во Ченто кој во фаза на идеен проект беше доставен до општината и потоа со забелешки е вратен за корекција и доработка. Штом се заврши изработката на основниот проект, ќе започнеме со изнаоѓање на начини на финансирање за неговата реализација – изјави тогаш Стефковски.
ИНИЦИЈАТИВА: Ќе прерасне ли руинираниот објект во Ченто во културен простор?
Бидејќи освен најави и ветувања досега ништо конкретно не е направено за запуштениот објект, граѓаните сега се надеваат дека претстојните локални избори веројатно ќе бидат добар поттик за актуелниот градоначалник да се зафати со обнова на објектот, којшто е многу значаен за тамошните жители.
Роден сум и израснат во Ченто и ги памтам убаво времињата кога домчето работеше. Овој објект за нас тука е многу значаен, но независно од тоа, недозволиво е и опасно ваква руина да се остави тука со години и никој ништо да не презема веќе 30-тина години. Многумина ветуваа, но ништо. Ајде да видиме што ќе направи сега градоначалникот. Идат избори, верувам дека сега не би најавил нешто што нема да го сработи – вели повозрасен жител на Ченто.

За реконструкција и повторно заживување на Домот на културата во Ченто се ангажираат и граѓански здруженија, кои со разни манифестации во изминативе години се обидуваа да го свртат вниманието на надлежните кон ужасната состојба во која се наоѓа овој објект.
Здружението „Културно ехо“ пред неколку години во паркот во населбата организираше еднодневен културно-едукативен настан со цел да покрене иницијатива за обнова на напуштениот Дом на културата, преку вклучување на локалната власт, граѓанските организации, уметниците и локалните жители. Година дена подоцна младиот уметник Владимир Милиќ изработи мурал на фасадата на домот.