Стефановиќ и Докиќ: Вирусот е непредвидлив и подмолен, да не се земаат антибиотици на своја рака и без индикација

Д-р Дејан Докиќ
Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стефановиќ и Дејан Докиќ, пулмолог алерголог во вчерашното гостување во емисијата „Клик плус” на ТВ 21 ја истакнаа непредвидливоста на ковид-19 со која се соочуваат здравствените работници.
Стефановиќ појасни дека се соочуваат со исклучително тешки пациенти уште при самиот прием, пациенти кои со недели ги лекуваат и кај кои состојбата во даден момент се стабилизира, но потоа нагло се влошува и за жал некогаш завршува и фатално.
Докиќ, зборувајќи за клиничката слика на пациентите со ковид-19, истакна дека околу 80 проценти од заразените со коронавирусот го поминуваат во домашни услови, а во болниците доаѓаат оние кои се во тешка состојба и дека тие се сите со многу ниска сатурација. Тој рече дека вирусот SARS-CoV-2 е многу непредвидлив и е опасен и за ризичните групи, но и за оние кои немаат коморбидитети.
 – Има пациенти со неколку коморбидитети, па се извлекле. Јас причината ја гледам во самиот имун систем и на кој начин тој успева да се бори. Вирусот е многу подмолен. Го измамува имуниот систем, кој добива погрешна информација. Влегува SARS-CoV-2, го нарушува целиот програм на одбраната и организмот добива сосема погрешна информација и затоа прекумерно реагира со создавање на тие цитокини и таа позната цитокинска бура од која ретко некој се спасува, нагласи Докиќ.
Во однос на лекувањето лекарите потенцираат дека земањето антибиотици на своја рака може да донесе несакани дејства и дека секоја терапија задолжително треба да се зема по препорака на лекар и според соодветните анализи.
 – Превентивното земање антибиотици дефинитивно не е оправдано. Ниту самоиницијативно. Секое несоодветно земање лек, па дури и суплемент може да донесе несакани дејствија. Затоа е тука лекарот, специјалистот кој кажува што треба да се земе, истакна Стевановиќ.
Докиќ советува за болните од ковид-19 дека основно е да се пијат многу течности и да се земе витаминска терапија.
 – Ц витамин, но претпазливо, затоа што може да ги оштети бубрезите. Цинк, некои антиоксиданси, Д витамин од 2.000 до 4.000 интернационални единици. Но она што е важно, е дека не би сакал граѓаните да земат парацетамол непотребно. На температура 37,2 тие земаат парацетамол. Температурата е дел од одбранбениот систем. Температуратa над 39, само од тие причини се зема да се намали, и тоа не драстично, туку да живне организмот. Антибиотиците строго ќе се даваат онаму каде имате индикација за бактериска инфекција. Ова е вирус, сите знаат и матичните лекари и малите деца. За вирус не се дава антибиотик. Се додека имате симптоми на вирус и немате знаци биохемиски, клинички, лабораториски или на рендгенска снимка дека има бактериска инфекција нема потреба да се зема антибиотик, па и при зголемена температура. Доколку има CRP раст, доколку имате леукоцитоза и покрај тоа што лимфоцитите се намалени при бактериска инфекција, ќе пораснат леукоцитите, ќе пораснат некои други параметри во крвта имате прокалцитонин, тоа е една супстанца која точно ви кажува дека имате бактериска инфекција, имате компјутер точно се знае како изгледа една бактериска супер инфекција на пневмонија, во такви случаи ќе дадете антибиотик по водичите кои тоа го препишуваат, појаснува Докиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот