Стефанова денеска ќе даде исказ за „Рекет” во ЈО

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја”, денеска во Јавното обвинителство треба да даде исказ за случајот „Рекет”.

Стефанова и нејзината шефица во СЈО Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”.

Од ЈО засега не откриваат дали и кога ќе биде повикана и специјалната јавна обвинителка Јанева.

– Обвинителството заради доверливоста и успешно водење на истрагата не соопштува однапред кои дејствија и кога ќе бидат преземени, вели за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Тој тврди дека сите инволвирани ќе бидат неселективно сослушани или распитани.

Обвинителката Лиле Стефанова по објавувањето на видеото во кое беше спомната од бизнисменот Јордан Камчев кој е обвинет во „Империја”, во пишана изјава до медиумите ги негира неговите тврдења, оценувајќи ги како обид да ја дискредитира како обвинител.

– Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител, кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски, наведе Стефанова.

Таа искажа подготвеност да соработува со Обвинителството за организиран криминал за комплетно да се расчисти целиот случај „Рекет”.

Вчера, пак, во Јавното обвинителство беше повикана за случајот „Рекет” да даде исказ обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство.

Јосифовска претходно потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на осмоничениот во „Империја”, Орце Камчев, но појасни дека одлуката била на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише, бидејќи ја заменувала додека била на одмор.

Истрагата за „Рекет” во Јавното обвинителство ја води шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот