Стефанија Несторовска во нова кулинарска авантура: Пробајте чоко јагода чискејк

Фото: Приватна архива

Ако сте љубител на чоколадни деликатеси, а барате лесен и брз рецепт за колач што секојпат успева, тогаш сте на вистинското место.

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви носи рецепт за чоко чискејк со свежи јагоди чија сезона наголемо започна.

Чискејк е прекрасен, лесен и вкусен колач, а домаќинките особено го сакаат бидејќи не мора да се пече.

Идеален е за секојдневието, но и за роденденски прослави или други посебни пригоди.
Стефанија и со овој рецепт покажа дека секогаш е во нова кулинарска авантура за осмислување на одлични деликатеси!

База:

– 150 г (1 филџан) јаткасти плодови (јас користев микс од ореви, лешници и бадеми, но слободно користете што ви одговара – може микс или само еден тип)
– 2 лажици какао во прав
– 175 г (1 филџан) урми
– 1 лажица кокосово масло (или повеќе)
– десетина јагоди, измиени и исечкани на мали парчиња

Фил:

– 210 г (1+1/2 филџан) индиски ореви, искиснати најмалку 2 часа или преку ноќ во вода
– 70 г (1/3 филџан) кокосово масло, стопено
– 100 г (1/3 филџан) агаве
– 10 г (1/3 филџан) какао
– 200 мл (помалку од 1 филџан) млеко од кокос во конзерва
– ситно сечкани ф’стаци или други јаткасти плодови за фил

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се подготвува калап. Јас користев силиконски каписли за мафини, меѓутоа може што било да послужи како калап. Може да користите керамичка или стаклена тава, плех за тарт, тава за мафини и слично…

Во сечко или блендер се додаваат јаткастите плодови и какаото и се блендира сè додека не се иситнат на мали парчиња. Се додаваат урмите (без семка) и кокосовото масло и се блендира сè додека не се соединат и не се добие леплива смеса што може да се оформува. Доколку е потребно, се додава и повеќе кокосово масло за да помогне во соединување на смесата.

Смесата во калапот се притиснува убаво и рамномерно. Ако користите калап за мафини – мене ми излегоа околу 10.

Се додаваат и исечканите јаготки веднаш врз базата без посебен распоред. Оставете во замрзнувач додека го подготвувате филот.

Искиснатите индиски ореви се премиваат со ладна, чиста вода и се процедуваат. Се додаваат во блендер со сите други состојки од филот и се блендираат сè додека не се добие соединета кремаста смеса.

Филот се распоредува врз базата и убаво се протресува калапот за да излезат сите меурчиња и да добиете рамна подлога.

Се остава во замрзнувач да се зацврсти најмалку 2 часа или идеално преку ноќ.

Се вадат од калапите или ако користите тава, се сечат и на крај се додаваат и исечканите ф’стаци и се притиснуваат за да се зацврстат.

Може да стојат во фрижидер до 7-8 дена, но за најубав резултат чувајте во замрзнувач (и до 1 месец) и само извадете ги 10-тина минути пред консумирање.

Забелешки и совети:

→ Агавето може да го замените со кој било друг течен засладувач.
→ Кокосовото млеко од конзерва може да го замените и со друго млеко по желба (растително или кравјо), со тоа што се додава малку повеќе од наведената количина. Вкусот нема да биде толку богат, но секако ќе бидат превкусни.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот