Стефан Богоев излегува од притвор со гаранција од 55 илјади евра во кеш
Една недела откако заврши во притвор по пријава на Финансиската полиција, поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев излегува со гаранција од 55 илјади евра, соопшти Кривичниот суд.
Препорачано
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со понудена гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот. Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката – велат од Кривичниот суд кој го чекаше мислењето на Јавното обвинителство.
Сепак од Судот, не соопштија какво било мислењето на Јавното обвинителство.
На Богоев му се определуваат мерки на претпазливост, односно му се одзема пасошот и му се забранува да ја премине државната граница. – Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство – велат од судот.
Богоев заврши во притвор откако против него и уште двајца осомничени финансиската полиција поднесе кривични пријави и ги осомничи дека местеле тендер за чистење на гранични премини и терминали.
Според доказите, Богоев како директор наводно влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, помошникот директор пак влијаел врз други фирми да учествуват во постапката и зел мито од околу 1.800 евра.


