Статистика: Никој не ги спречува Бугарите да се попишат

фото Архива

Бугарите во Македонија на претстојниот попис можат слободно да ја изразат својата бугарска етничка припадност и во тоа нема никој да ги спречи, но нема да добијат фотокопија од пописната листа, затоа што тоа е законски забрането, велат од Државниот завод за статистика за „Слободен печат“.

– Според Законот за попис и Методологијата за спроведување на Пописот 2021 година, секое лице има право по сопствена волја да се изјасни на која етничка зедница припаѓа. Изјаснувањето за етничка припадност е лично чувство и секој има право да се изјасни по сопствена волја – велат од Статистика.

Во методологијата за спроведување на пописот е објаснето дека припадноста кон етничка заедница е едно од најчувствителните прашања и никој со ништо не смее да влијае во давањето на одговорот. Попишувачот не треба да ги чита понудените одговори, туку само го прашува попишаното лице за неговата припадност кон етничка заедница. Ако етничката припадност ја нема во понудените одговори, тогаш треба да се допише. Во методологијата е наведено и дека лицето може од приватни причини да не се изјасни по ова прашање и во тој случај, попишувачот ќе го избере одговорот „не се изјаснил“. За деца до 15 години, одговорот го  прашање дава еден од родителите, посвоителот или старателот.

Но, иако методологијата ова прашање го наведува како најчувствително, заедно со религиската припадност, сепак на пописот ќе биде дозволено и друг да се изјасни за нечија етничка припадност. Возрасен член на семејството ќе може да одговори на овие прашања за отсутните членови и при тоа се очекува да биде искрен, а подоцна податокот не може да се провери.

– За лицата кои во моментот на попишувањето се отсутни од која било причина, одговор може да даде полнолетно лице на кое податоците му се најдобро познати. За точноста и веродостојноста на податоците тоа лице гарантира со својот матичен број. Во однос на прашањето за етничка припадност, одговорот претставува изразување на чувство на припадност и тој податок не може да се провери. Лицето кое дава податоци за друго лице, за да избегне каква било грешка, особено во однос на ова прашање, може да одговори и со опцијата „непознато“ – велат од Статистика.

Во законот за попис е наедено дека прибраните податоци може да се користат единствено за статистички потреби, а не и за  воспоставување, водење или ажурирање на административни регистри. Личните податоци што се прибираат се доверливи и заштитени со закон.

Вчера културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола од бугарскиот државен врв побара да им се издава побара бугарско државјанство по скратена постапка на оние граѓани што со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докажат дека се регистрирале како македонски Бугарин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот