Стартува кампањата за пописот под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам”

Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам” почнува кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата. Во меѓувреме, продолжува онлајн самопопишувањето на нашинците од странство преку соодветната апликација, на која до вчера до 8 часот се попишале 22.253 лица.

Кампањата „Тука живеам, одлучувам, постојам” е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш посочи дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на земјата, па затоа е важно е „на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме”.

– Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Република Северна Македонија со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права, додава Куртиш.

Пописот беше тема и на вчерашната средба на претставници на повеќе помали етнички заедници во земјава со националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски и координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика (ДЗС), Јасмина Ѓоргиева.

Учесниците на средбата, на која присуствуваа претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, се согласија дека е од исклучителна важност статистичката операцијата попис на населението, домаќинствата и становите да биде успешно спроведена во насока на создавање на конкретни политики за успешно остварување на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика (ДЗС) и ги отфрли како лажни информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство, посочувајќи дека динамиката на попишување се одвива успешно и дека досега се попишани над 22.000 лица од дијаспората.

– Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци, наведува ДЗС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот