Старо-новите лица во авганистанската влада, без жени и етнички малцинства, причина за разочараност кај меѓународната заедница

Забиула Муџахид / Фото: EPA-EFE/STRINGER

„Работиме на составување инклузивна влада која ќе го претставува целиот народ во Авганистан”, вети еден од талибанските лидери мула Абдул Гани Барадар, кога неодамна пристигна во Кабул за да започне разговори насочени кон формирање на раководство. Но зборовите се едно, а делата се друго. По објавувањето на составот на новата влада, стана јасно дека ветувањата дадени кон меѓународната заедница, не се исполнети, со оглед на тоа дека новото раководство не вклучува жени ниту претставници на други политички структури, ниту други етнички малцинства.

Од 33 позиции во владата, 14 се дадени на поранешни талибански функционери кои беа на власт од 1996 до 2001 година, петмина се поранешни затвореници во Гвантанамо, а останатите 12 се функционери од втората генерација на движењето.

Додека Кина и Узбекистан изразија подготвеност да соработуваат со Талибанците, Европската унија и Обединетите нации изразија несогласување околу составот на новата влада, со оглед што не вклучува жени и претставници на други етнички малцинства.

САД соопштија дека ќе и судат на владата според нејзините постапки, но наведоа дека владата која не вклучува други групи не носи стабилност во земјата.

– САД не видоа докази дека талибанската новоформирана влада ќе биде инклузивна како што беше ветено, и се чини дека е „повеќе или помалку истата” со „многу исти актери”, изјави вчера американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

– Мислам дека целата меѓународна заедница се надеваше дека ќе бидат инклузивни, како што рекоа дека ќе бидат пред неколку недели и месеци, рече Остин пред малата група новинари што патуваа со него на Блискиот Исток. – Но, засега ние не видовме докази за тоа, и се чини дека има многу исти актери, вели Остин.

Претходно и американскиот државен секретар Ентони Блинкен им порача на талибанците дека новата привремена влада што ја формираа ќе мора да го заслужи „секој легитимитет, секоја поддршка”. Тој нагласи дека односот кон владата и талибанците ќе зависи од нивните постапки.

Незадоволство изрази и Европската унија. Портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано изјави дека назначените членови на привремената талибанска влада во Авганистан не ги задоволуваат критериумите на Европската Унија. Тој истакна дека „Европската Унија ќе одлучува во наредниот период на кој начин и во која мерка ќе соработува со Авганистан”.

– Ова не личи на инклузивна влада и не е тоа што Талибанците го ветуваа, назначување лица кои го одразуваат етничкиот и културниот диверзитет на Авганистан. Еден од критериумите поставени од министрите за надворешни работи на ЕУ е етаблирање на инклузивна влада, и врз основа на овие критериуми, тие ќе одлучат за нивото на ангажман на ЕУ, но ова веќе не ги задоволува нашите очекувања, изјави портпаролот за надворешни работи.

Европската Унија пред неколку дена формулираше пет „бенчмаркови” или критериуми кои очекува да бидат исполнети од страна на преодната авганистанска влада.

Критериумите на ЕУ се: да се обезбеди дека Авганистан нема да служи како база за меѓународен тероризам; почитување на човековите права и посебно правата на жените; креирање инклузивна влада која ќе го одразува диверзитетот на земјата; обезбедување слободен пристап за хуманитарна помош и конечно исполнување на ветувањето дека странските државјани слободно ќе можат да ја напуштат државата.

Што се однесува на последното барање, од Кабул вчера полета првиот евакуациски авион по повлекувањето на Американците. Авионот, кој евакуираше околу 200 луѓе, вклучително и американски државјани, полета вчера попладне од Кабул, и воедно тој е првиот патнички лет во странство со полетување од авганистанската престолнина по повлекувањето на САД кон крајот на август.

Талибанците, исто така, ветуваат дека ќе организираат општи избори во Авганистан, што ќе им овозможи на различни локални групи и заедници да гласаат, објави Ал Џезира.

Планирано е да се одржат општи избори кои ќе опфатат широк спектар на авганистанското општество, наведе телевизијата, пренесувајќи ги зборовите на портпарол на Министерството за информации и култура на „Исламскиот емират на Авганистан”, како што талибанците го нарекуваат Авганистан.

– Се обидуваме да ги вклучиме најшироките сфери на населението, талентирани луѓе кои не се припадници на талибанците, изјавил портпаролот.

Тие, исто така, ветуваат дека ќе има работни места и за жените во владата.

– Талибанската влада во Авганистан ќе има работа за жените, изјави портпаролот на талибанците Забиула Муџахид.

– Оваа влада е привремена. Ќе имаме позиции за жените во согласност со шеријатот. Ова е само почеток, но ќе најдеме работа за жените. Тие можат да бидат дел од владата. Тоа ќе биде нашата втора фаза, изјави Муџахид за француската БФМТВ.

Но забелешки имаат и талибанците. Тие сметаат дека САД го кршат мировниот договор со тоа што на нивната „црна“ листа на терористи се уште се имињата на дел од новоизбраните министри во владата.

– Фактот дека членови на новата авганистанска влада се на американската црна листа го крши мировниот договор постигнат во Доха“, се вели во соопштението на талибанското движење. „Сите функционери, без исклучок, требаше да бидат исклучени од црните листи на Обединетите нации и САД. Барањето останува во сила, се додава во соопштението.

Талибанците и САД потпишаа мировен договор во главниот град на Катар на 29 февруари 2020 година, кој предвидува дека во замена за повлекување на силите на НАТО од Авганистан, милитантите ветија дека ќе ги прекинат врските со Ал Каеда и ќе седнат на преговарачка маса со администрацијата на земјата. Во август оваа година, по повлекувањето на американската војска од Авганистан, талибанците ги окупираа сите поголеми градови и прогласија крај на 20-та војна.

Во меѓувреме, се огласи новиот авганистански премиер мула Мохамед Хасан Акунд, кој ги повика поранешните функционери кои избегаа кога талибанците ја презедоа власта, да се вратат во земјата, додавајќи дека групата ќе ја гарантира „нивната безбедност”.

Во ексклузивното интервју за Ал Џезира, тој, исто така, рече дека владата ќе ја гарантира безбедноста на дипломатите, амбасадите и организациите за хуманитарна помош, истакнувајќи дека групата сака да воспостави позитивни и силни односи со земјите во регионот и пошироко.

Акунд, близок соработник и политички советник на починатиот мула Омар, основачот на талибанското движење, и нивниот прв водач, вели дека лидерите се соочуваат со „голема одговорност и тест” кон Авганистанците. – Изгубивме многу пари и животи во овој историски момент за Авганистан. Состојбата на крвопролевање, убиства и огорченост за народот во Авганистан заврши. Моравме скапо да платиме за ова, истакнува Акунд.

Тој, во интервјуто за Ал Џезира, исто така, го повтори ветувањето на талибанците за амнестија за секој што работел за САД и администрацијата по инвазијата во 2001 година.

– Никој нема да може да докаже дека е предмет на одмазда. И во такви напнати околности, лесно е да го правите она што го сакате. Сепак, движењето е дисциплинирано и ги контролира своите борци. Никој не повредивме поради неговите претходни постапки, тврди тој.

– Затоа ја уверувам исламската нација, особено авганистанскиот народ, дека го сакаме сето добро, успех и благосостојба и дека сакаме да воспоставиме исламски систем. Ги поканувам сите да учествуваат во овој блажен проект, рече претседателот на новата авганистанска влада.

Но, стравувањето меѓу западните земји од заживување на терористичките Ал Каеда и Исламска држава е се посилно. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин смета дека терористичката организација Ал Каеда, која го користеше Авганистан како база за напад врз САД пред 20 години, може да се обиде да ги обнови операциите по повлекувањето на САД и преземањето на власта од страна на талибанците.

– На некој начин, целата заедница гледа што се случува и дали Ал Каеда има способност повторно да се создаде во Авганистан. Во природата на Ал Каеда и Исламската држава е секогаш да се обидуваат да најдат простор за раст и обнова, без разлика дали тоа е во Авганистан, Сомалија или кој било друг нерегулиран простор, нагласи американскиот функционер.

Талибанците и дадоа засолниште на Ал Каеда додека владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, а САД ги нападнаа и ги соборија од власт откако одбија да ги предадат терористичките водачи по нападите на 11 септември 2001 година.

За време на 20-годишната војна со САД, Ал Каеда беше значително намалена, но се појавија прашања за нејзините идни перспективи за обнова со талибанците, кои повторно се на власт во Кабул.

– Ние им соопштивме на талибанците дека очекуваме да не дозволат да се случи тоа, рече Остин.

Тој нагласи дека американската војска е способна да ја спречи Ал Каеда или која било друга екстремистичка закана за САД која потекнува од Авганистан, користејќи авиони за надзор и борбени лоцирани на друго место, вклучително и во Персискиот Залив, и призна дека сепак ќе биде потешко без војници и разузнавачки тимови со седиште во Кабул.

Во договорот од февруари 2020 година со администрацијата на Трамп, талибанските лидери ветија дека нема да ја поддржат Ал Каеда или други екстремистички групи што би ги загрозиле САД, но американските власти веруваат дека талибанците одржуваат врски со Ал Каеда, а многу држави, вклучително и арапските земји од Заливот, се загрижени дека нивното враќање на власт може да ја отвори вратата за заживување на влијанието на терористичката организација.

Нападите врз САД на 11 септември 2001 година, во кои беа убиени речиси 3.000 луѓе и чија годишнина се одбележува утре, ги изврши терористичката мрежа Ал Каеда, а петнаесет од 19 киднапери на авионите со кои беа извршени нападите беа државјани на Саудиска Арабија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот