Стармер со „армија“ од специјални полициски сили ќе стави крај на насилството во Британија

ФОТО: Протести во Англија по убиството на ти мали девојчиња / EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Хаотичниот бран на десничарско насилство што избувна во градовите во Велика Британија поради убиството на три девојчиња во Саутемптон ја стави на сериозен тест новата лабуристичка влада на Кир Стармер, пишуваат угледните европски медиуми.

Доказ за ваквите натписи се повеќето од 150 луѓе кои беа уапсени додека полицијата се обиде да спречи насилство во Ливерпул, Хал, Бристол, Манчестер, Белфаст, Ротерам, Болтон и други градови минатиот викенд.

Демонстрантите кои главно се декларираа како екстремно десничарски, фрлаа димни бомби, камења и шишиња кон полицијата, запалија продавници во Блекпул и се судрија со антифашистичките групи.

По повод овие немири, вклучително и нападот на хотелот во Ротерам во кој се сместени барателите на азил, британскиот премиер Кир Стармер во обраќањето до нацијата во неделата вечерта рече дека „тој ќе направи сè што е потребно за да ги изведе сторителите пред лицето на правдата и за да се почувствува целосната сила на законот.

Во обид да се најде излез од драматичната состојба во земјата, вчера се одржа итен состанок на Комитетот за итни случаи (КОБРА), на кој присуствуваа министри, полицијата, претставници на разузнавачките и други служби.

Како што пренесува „Гардијан“, премиерот вчера ветил „постојана армија“ од специјализирани полицајци кои ќе се спротивстават на немирите.

„Каква и да беше очигледната мотивација, тоа не беше протест, туку чисто насилство. Нема да толерираме напади врз џамии или врз нашите муслимански заедници. Затоа, целата сила на законот ќе биде применета за сите за кои ќе се утврди дека учествувале во овие активности“, рече Стармер, според агенцијата ПА.

Елон Маск одговорен за насилството во Британија?

Во меѓувреме некои земји почнаа да издаваат предупредувања до своите граѓани дека постои зголемен ризик од насилство во ОК. На Малезија вчера ѝ се придружија Нигерија и Австралија. Некои експерти и истражувачи сметаат дека Елон Маск е делумно одговорен за заживувањето на екстремно десничарското насилство во Велика Британија, бидејќи им дозволил на десничарските лидери кои шират теории на заговор, како што е Томи Робинсон, лидерот на Англиската одбранбена лига, да биде активен на платформата „Х“.

Американскиот милијардер Маск не се грижи за овие „застрашувачки“ прозивања, туку вели дека постои ризик од избивање на граѓанска војна на Островот по бранот протести против мигрантите.

Поранешниот лидер на лабуристите Џереми Корбин, заедно со четворица независни пратеници, го критикуваа премиерот Стармер дека не отишол „доволно далеку во идентификувањето на антиимигрантската и антимуслиманската омраза“ зад немирите на британските улици.

Во писмото до министерката за внатрешни работи, Ивет Купер, со која бараат средба, тие истакнаа дека се загрижени зошто владата нема план за справување со состојбите.

– Во време кога бандите насилни расистички насилници ги гаѓаат џамиите и центрите за азил, ние сме загрижени што владата рече дека нема планови за средба со најголемото тело кое ги претставува муслиманите во Велика Британија, односно со муслиманскиот совет на Британија. Сметаме дека е незамисливо претставниците на која било друга верска заедница да бидат третирани на сличен начин – стои во писмото.

Во исто време, сè поголем број пратеници, вклучително и поранешната министерка за полиција, Прити Пател, но и Најџел Фараж, лидер на „Реформа во ОК“, бараат итно отповикување на Парламентот од летниот распуст поради драматичните настани во земјата.

– Владата не може да чека со недели и недели додека ова насилство продолжува – рече лабуристката Дајан Абот, која повика Парламентот итно да се справи со протестите бидејќи кризата што се појави ги „преплаши заедниците низ целата земја“.

Ќе излезе ли војска на улиците во британските градови?

На новинарско прашање до претставниците на власта дали Владата размислува да распореди војска на улиците на британските градови за да ги запре натамошните протести, рече министерката за внатрешни работи Ивет Купер за „Би-би-си“ Радио 4 изјави дека полицијата има експертиза и овластувања да се справи со јавниот ред бидејќи во овој случај се работи за криминал.

Тригерот за насилствата во Британија зад кој стои екстремната националистичка организација „Англиска одбранбена лига“ беше трагедијата што го потресе Обединетото Кралство минатиот понеделник кога во крајбрежниот град Саутпорт, недалеку од Ливерпул, три девојчиња, Бебе Кинг (6), Алис Дасилва Агиар (7) и Елси Дот Стенкомб (7), беа избодени до смрт на час по танц.

Обвинет за грозоморното убиство е Аксел Муганва Рудакубана (17) роден во Кардиф. Но, во согласност со практиката на британската полиција, осомничениот не беше веднаш идентификуван бидејќи е малолетник, што предизвика лавина негативни коментари и реакции во јавноста дека полицијата наводно намерно го прикрила името на сторителот на ова дело.

Информативниот вакуум беше пополнет со теории на заговор што ги шират десничарите, вклучително и Томи Робинсон и контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт, кој во Романија беше обвинет за силување и трговија со луѓе. Масовните пораки кои кружеа на социјалните мрежи веднаш по масакрот во студиото за танц го даваа лажното име на напаѓачот, опишан како сириски имигрант кој неодамна пристигнал во Британија со брод преку Ла Манш. Овие теории брзо предизвикаа гнев кај граѓаните кон мигрантите, кој се прелеа на улиците на британските градови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот