Старата фабрика во Хром нуди можност за создавање на студентски град

Од организацијата единствено стравуваат дека идејата може да остане без реализација, ако се одлучи објектот да се урне, и на негово место да се направат згради.

Младите архитекти од меѓународната невладина организација „Културно Ехо“ започнаа иницијатива за пренамена на фабриката „Купром“ во скопската населба Хром, во студентски град односно културен, едукативен и креативен центар.

Претседателката на невладината организација, Симона Димковска, вели дека иницијативата пред половина година ја доставиле до Владата на Македонија, а моментално работат на тоа со анализа да потврдат дека нивната заложба е возможна, економски исплатлива и вистински бенефит не само за градот туку и за државата.

– Скопје како студентски град заслужува да има и неформално образование, кое ќе го надополнува високото образование.Тоа би бил студентски комплекс каде што би се работело на усовршувањето на образованието и значајно место во него би земале како домашни професори и студенти, така и од странство, вели Димковска.

Инаку, според нивното истражување, земјиштето на објектот е државно, додека неколку објекти се приватно сопствеништво. Симона потсетува дека напуштените фабрики насекаде во светот се пренаменуваат во објекти според потребите на граѓаните, но кај нас ваков пример досега не е забележан.

– Во моментов сме во соработка со општина Ѓорче Петров, каде што се наоѓа фабриката, и очекувам поддршка, овој капитален објект да го претвориме во објект од општествена корист за сите. Фабриките во сите европски земји обично се пренаменуваат за различни потреби на граѓаните, но тоа кај нас се уште не се случило. Ние немаме културно индустриско наследство, ова би било прв пример, објаснува Димковска и додава дека просторот дозволува, без да се направи некоја посебна надворешна промена на објектот од архитектонска гледна точка, без да се наруши екстериерот на објектот, внатре да се вметнат нови функционални единици, како посебни кубуси кои што се монтажни и каде може да се случат повеќе функции.

Од организацијата единствено стравуваат дека идејата може да остане без реализација, ако се одлучи објектот да се урне, и на негово место да се направат згради.

„Праксата треба да биде друга, односно треба да се размислува тоа веќе што постои како да се искористи. Еве конкретно површината на фабриката е 22 илјади квадратни метри, тоа е 2,2 хектара, тоа е огромна површина која ќе стане градежно земјиште, што ќе се случи со тој градежен контаминиран шут? Никој не ги поставува тие прашања, сите одат кон тоа да се сруши тоа што не е корисно, не е употребливо и да се направи нешто ново, а реалноста е дека може да биде корисно, корист може да видат граѓаните, а доколку се бутнат и се направат згради корист можат да видат само поединците односно инвеститорите кои би го граделе тој објект, така што тоа е доста селективно“, вели Димковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот