Станинов има три дена да ја тргне дивоградбата над хотел „Елса“ или Општината ќе урива на негов трошок

Хотел Елса/ Фото: Слободен печат

По неколку издадени решенија и дадени „три дена“, дивоградбата сѐ уште стои, а во изминатите пет години ниту инвеститорот ниту Општината ништо не преземаа. Сега конечно е издадена дозвола за извршување.

Општина Центар ќе ја урива дивоизградената надградба на хотелот „Елса“ на Сашко Станинов, како и дрвената платформа поставена пред објектот, доколку во рок од три дена сопственикот не ја урне сам. Судејќи според тоа што Станинов досега се оглушил и не постапил по претходно издадените решенија од општинскиот градежен инспекторат, повеќе од очигледно е дека тоа ќе мора да го стори Општината, се разбира на трошок на инвеститорот.

За случајот со хотелот „Елса“ лоциран во строгиот центар на Скопје, на улицата Луј Пастер веднаш до статуата „бик“, „Слободен печат“ пишуваше пред година и пол по реакции на граѓани што живеат во соседството и кои тврдеа дека зградата е порасната за кат-два и дека на неа повторно се поставени скелиња и дека повторно нешто се надградува.

Од Општина Центар уште тогаш ни потврдија дека знаат за случајот, дека надградбата е изградена без градежна дозвола и дека инспекторот веќе донел решение за уривање.

Градежен инспектор на Општина Центар извршил увид на предметната локација, составил записник и издал Решение за отстранување. Постапката е во тек и сопственикот е задолжен да постапи по издаденото решение. Доколку самиот не постапи во законски определениот рок, Општината административно ќе го отстрани нелегално изградениот дел од објектот, со што трошоците за отстранување ќе паднат на товар на инвеститорот – објаснија тогаш од Општина Центар.

Но, трите дена беа и поминаа, дивоградбата си остана, па сега конечно на почетокот на месецов е донесен заклучок, односно дозвола за извршување, за конечно спроведување на тоа што досега не е направено, односно поради непочитување и на решението донесено во мај 2022 година.

Претходно, уште во 2019 година инспекторот утврдил дека Станинов бесправно изградил шести и седми кат на хотелот и е издадено решение за уривање, по што е направена повторна контрола и издадено уште едно решение.

Овластен градежен инспектор направи контролен инспекциски надзор за предметната локација и утврди дека инвеститорот не само што не постапил по донесеното решение и заклучок туку затекна изградба на дополнителна надградба, осмо ниво на терен, градба од челична конструкција, делумно застаклена со димензии 7метри на 3,5 метри и платформа од метална конструкција обложена со штици со димензии 16м и 4 м поставена односно изведена пред влезот на самиот хотелот – се вели во образложението на решението издадено во мај 2022 година.

Станинов, како што му дозволува законот, се жалел на донесеното решение, но како што е наведено, жалбата не го одложува извршувањето на решението. Сепак, веројатно влијаела поради тоа што досега неколку години тоа не е сторено.

Сега, пак, овластениот градежен инспектор издал заклучок, односно дозвола за извршување. И во него рокот е три дена од приемот на решението, кое е јавно објавено, да се урне надградбата на осмо ниво и платформата пред хотелот која е поставена на државно земјиште. Ако градбата не се отстрани во наведениот рок, ќе се пристапи кон присилно извршување, а трошоците ќе бидат на сметка на инвеститорот.

Но, уривањето на објекти е трошок и за Општината, па најчесто наместо целосно уривање се практикува онеспособување на дивоградбата. Токму поради големите трошоци за уривање на објектите изградени без градежна дозвола, градоначалникот Горан Герасимовски поведе иницијатива за конфискација на вакви објекти. Една година потоа откако иницијативата ги помина сите процедури и ги доби сите одобренија, стана дел од новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, кој пратениците го донесоа на 19 март годинава.

Во случајот со хотелот „Елса“, конфискацијата е невозможно да се примени, затоа што станува збор за градба без дозвола на дел од објектот, а не на целиот објект. Како и да е, граѓаните очекуваат да видат дека во градов не може кој што сака да прави и дека законот мора да важи за секого еднакво.

ФОТО: Хотелот „Елса“ во центарот на Скопје без дозвола „пораснал“ за два ката

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот