Стандард и Пурс го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на Софија „БББ” со стабилна перспектива

 Меѓународната рејтинг агенција „Стандард и Пурс” (S&P Global Ratings) го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на Софија „БББ” со стабилна перспектива. Ова се случува само еден ден по усвојувањето на буџетот на бугарската престолнина, пренесува неделникот за финансии и економија „Банкар”.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, тоа е признание за финансиската политика следена од тимот на градоначалничката Јорданка Фандакова, заснована врз финансиска дисциплина и стабилен буџет.

Клучната улога во локалната економија во земјата е уште една важна причина за агенцијата да ја задржи довербата и да ја потврди својата прогноза за развојот на градот. 

Софија им се придружи на градовите со инвестициски рејтинг од декември 2017 година. Буџетот на бугарската престолнина за 2021 година веќе доби одобрување од локалниот парламент. Советниците го усвоија буџетот на Софија во износ од 1,891 милијарди лева (900 милиони евра).

Главниот фокус на буџетот за 2021 година е спроведување три стратешки цели, на кои се насочени повеќе од 200 милиони евра.

Првата цел е изградба на стратешка транспортна инфраструктура и реконструкции во Софија, за што се планирани 70 милиони евра, што ќе овозможи обновување на клучните патни правци. Очекуваните резултати се отстранување на сообраќајот од центарот на градот, што ќе доведе до подобрување на квалитетот на воздухот.

Втората стратешка цел е изградба, проширување и реконструкција на детски градинки и јасли, за што се обезбедени 33 милиони евра, кои се за изградба на 45 нови згради во сите области на Софија, меѓу кои 16 нови градинки, чија реализација ќе започне следната година.

Третата стратешка цел е подобрување на квалитетот на воздухот во Софија и чистотата на градот, за што капиталните инвестиции изнесуваат вкупно околу 100 милиони евра, од кои средства ќе бидат насочени за замена на стари печки, инвестиции во метрото и електричниот транспорт, мерни станици и системи за следење на воздухот, миење улици и паркови. За собирање отпад од домаќинствата се наменети 36 милиони евра. Зголемувањето оваа година е речиси три милиони евра. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот