Стаменковска-Стојковски побара оставка од директорката на Централен регистар

Фото: Миа.мк

Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и  администрација Невенка Стаменковска–Стојковски денеска побара неотповиклива оставка од директорката на Централен регистар Марија Бошковска – Јанковски поради, како што рече, непочитување на законите и вработување спротивно на закон.

Стаменковска–Стојковски тврди дека во Централен регистар незаконски се вработувале, како што рече, партиски послушници на сметка на професионалци и стручни кадри.

– Централниот регистар и директорката иако во целост го имаат усогласено Законот за Централен регистар и Правилникот за системизација на работните места согласно Законот за административни службеници, согласно Законот за вработени во јавниот сектор, поднесуваат Годишен план за вработување, но не ја водат постапката согласно Законот за административни службеници. И непречено од надлежните инспекциски органи вработуваат како да се приватна компанија и партиска канцеларија, колку сакаат и како сакаат, изјави Стаменковска-Стојковски.

Државниот управен инспекторат, како што рече, иако е должен да спречи и да ги поништи ваквите незаконски огласи досега ја толерира оваа институција и функционерот кој раководи со неа.

Според Стаменковска–Стојкоски, годишниот план бил донесен незаконски, а незаконски бил објавен јавен оглас за вработување и вработување надвор од планираните во Годишниот план за вработување.

Освен прекршочна постапка, како што рече, постојат сериозни индиции за кривична одговорност и поради тоа со претставка ќе ги извести Државниот управен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот