Стабилно на северот од Косово, се нормализира состојбата по двонеделната блокада и повлекувањето на специјалците

Косово и Србија/ Фото Zoonar GmbH / Alamy / Alamy / Profimedia

Косовската полиција информира утрово дека патиштата кои водат кон премините Јариње и Брњак на границата со Србија се отворени за сообраќај и состојбата се нормализира по речиси двонеделната блокада од страна на косовските Србијави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на полицијата се наведува дека безбедносната состојба во тој дел на земјата е добра, додека „полициските патроли, вклучително и пограничните, продолжуваат да ги извршуваат своите законски задачи и обврски”.

По постигнатиот договор на претствниците на Косово и Србија со посредство на Европската унија, вчера беа прекинати блокадите на патиштата, а специјалните единици на косовската полиција се повлекоа од граничните премини Јариње и Брњак. Контролата на овие премини ја презедоа единиците на меѓународната воена мисија во Косово, КФОР, кои ќе останат во регионот во наредните две недели.

Кризата во односите меѓу Приштина и Белград настана откако косовската влада на 20 септември почна да ја спроведува одлуката за задолжително опремување со времени регистарски таблички на возилата кои влегуваат од Србија преку косовските гранични премини. Со ова Приштина воведе реципроцитет кон истите мерки кои Белград од пред десетина години ги спроведува за возилата кои влегуваат од Косово во Србија.

Граѓаните од српска националност во северно Косово се спротивставија на таа мерка и во знак на протест ги блокираа граничните премини Јариње и Брњак меѓу двете земји. Косовските власти упатија специјални полициски единици за обезбедување на граничните премини, а Србија одговори со испраќање оклопни возила и со надлетување со воени летала на пограничната област.

Во петокот, во Брисел беше постигнат договор меѓу двете држави за решавање на прашањето со регистарските таблички, на тој начин што на нив ќе се ставаат стикери врз ознаките „РС” (Република Србија) и „РКС” (Република Косово) при влез од едната држава во другата. 

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот