ССНМ и ЗНМ: Професионалното новинарство е јавно добро кое не смее да се ограничи

Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните, велат од ССНМ и од ЗНМ.

Професионалното новинарство е јавно добро кое не смее да се ограничи, порачуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

– Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, денес, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство. Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата ги исфрли на врвот предусловите за функционална демократија а тоа е дека новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните, велат од ССНМ и од ЗНМ.

Повикуваат на солидарност и поддршка, пред се од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да информираат за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата.

– Потсетуваме дека борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Ја потенцираме Изјавата за слобода на изразување и информирање во време на криза од Комитетот на експерти за медиумска средина и реформи при Советот на Европа во која се истакнува улогата на професионалното новинарство и независните медиуми, потребата од „специјално внимание на обезбедување соодветни услови за работа на новинарите, вклучувајќи и медицинска заштита за секоја задача поврзана со коронавирусот”, наведуваат од ССНМ и ЗНМ.

Според нив, 92-то место во извештајот на „Репортери без граници” иако е мал напредок, сеуште е разочарувачка позиција и затоа потсетуваат на минатогодишните барања по повод Светскиот ден за слобода на медиуми, односно темелни реформи во медиумскиот сектор со цел воспоставување на услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.

– Потенцираме дека најавените намалувања на плати, или намалување на кадарот во некои медиуми е недозволиво, особено во услови кога повеќе од кога било е потребно новинарството и медиумите да ја играат својата улога на чувар на јавниот интерес. Без слобода на изразување, независни и критички медиуми не е можно воспоставување на функционална демократија, но и надминување на кризи како актуелната пандемија, истакнуваат од ССНМ и ЗНМ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот