ССМ: Секаде каде што сме синдикално организирани се штрајкува

Генерален штрајк на ССМ/Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Пред Собранието се поставени 120 празни столчиња со симболична порака дека пратениците лесно може од удобните фотелји да стигнат до тврдите столици, надвор од Собранието

Јавниот сектор во цела држава почна генерален штрајк, а Сојузот на синдикати (ССМ) побара јавна поддршка од народните избраници за амандманот со кој во ребалансот на буџетот треба да се најдат по 2.806 денари за секој вработен, почнувајќи со платата од 1 јули. Од ССМ објаснија дека иако беше одбиен нивниот амандман за линеарен раст на платите што беше доставен преку ВМРО – ДПМНЕ, тие чекаат корегирање на пратениците при второ читање на ребалансот на Буџетот, или пак усвојување на нивниот предлог кој би го доставиле до Владата.

Според претседателот на ССМ Дарко Димовски, во моментов, секаде каде што сме синдикално организирани во јавниот сектор, се одвива генерален штрајк.

– Секаде каде што сме синдикално организирани имаме информација дека се штрајкува, а за да биде тоа видливо, побаравме вработените да излезат во периодот од 10 до 11 часот пред своето јавно претпријатие, или институција, и да се сликаат – рече Димовски, кој заедно со раководството на ССМ одржа прес-конференција пред Собранието каде што беа поставени 120 празни столчиња со симболична порака дека пратениците лесно може од удобните фотелји да стигнат до тврдите столици, надвор од Собранието.

Димовски рече дека според нивните информации штрајкот во некои јавни претпријатија веќе дал резултат и вработените биле пречекани со спогодби за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари, но имало забележано и притисоци.

– Утрово се соочивме со притисоци во едно јавно претпријатие и во една институција. Ги пративме нашите регионални секретари за да ги информираат тамошните директори дека штрајкот е пријавен вклучително и до градоначалниците, до ЗЕЛС, до министерства и до Владата и откако ги покажавме документите тие се повлекоа и досега немаме проблеми. Но, исто така, морам да пофалам дека во одредени институции и јавни претпријатија уште утрово се потпишуваат спогодби за да сите вработени добијат дополнителни 2.806 денари од 1 јули. На крајот од ден, во 13 часот ќе ги имаме извештаите од нашите регионални канацаларии и јавно ќе ги објавиме директорите, или управителите кои вршат притисоци – рече Димовски.

Претседателот на ССМ јавно им порача и на работниците дека ги охрабрува за да се изборат за своите права и да не подлегнат на притисоци.

– Тие пари се неопходни со оглед на тоа што ни се случува двоцифрена инфлација, со најавена енергетска криза, зголемување на цената на струјата… Ги охрабруваме работниците да се изборат за своите права, да се изборат за парите за егзистенцијата. Затоа ги повикувам сите народни избраници, од сите партии, да дојдат во Собранието и да ја дадат поддршката – не на ССМ, туку на работникот, со тоа што ќе го поддржат амандманот за зголемување на платите. Ако ова не се случи, штрајкот што се одвива во моментов им е Дамоклов мач. За сите оние кои нема да го поддржат ова легитимно право на работниците, ние како претставници на работниците можеме да побараме нивна оставка – вели Димовски.

Според Законот за работни односи и според граѓанските колективни договори за време на штрајк се добива од 60 до 100 проценти од дневницата.

– Но, нема веќе од што да ни земат! Треба да бидеме како браќата Турци, Грци, Французи и да не подлегнуваме на манипулациите дека тој што штрајкува нема да има дневница. Па ние и денес немаме вистинска дневница, немаме достоинствени плати со кои може да ја прехраниме нашата фамилија – револтирано вели Димовски.

Според Димовски, претставниците на власта се обидуваат да манипулираат со Синдикатот. Тие ветиле дека пари за вработените во јавниот срктор ќе има со ребалансот и дека тоа прашање ќе се реши од први јуни за вчера да дојдат на преговарачка маса со предлози за нова методологија за пресметка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот