ССМ: Недела – ден за одмор е реалност и во согласност со Уставот

Фото: МИА

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија на вонредна седница  расправаше за информацијата за поднесената иницијатива пред Уставниот суд од  страна на Стопанската комора на Северна Македонија со која се оспоруваат измените на Законот за работни односи со кои се уредува работата во недела.

– Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите” да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат. ССМ нагласува дека согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.”, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор”, а „Од овие права вработените не можат да се откажат” и истиот член утврдува дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори” соопштија од ССМ по седницата на претседателството.

Оттаму велат дека правото, ден на неделен одмор да биде недела е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија оти секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.

– Милиони денари на работниците ( кои работеле во недела без никакви ограничувања, а не биле плаќани за тоа) завршувале во џебовите на „газдите” се причината за иницијативата поднесена од нивна страна до Уставниот суд. Пример само за 8 отсто од работниците  кои согласно Законот за работните односи и Законот за теговија би работеле во денот недела согласно податоците на ДЗС –АРС за Третиот квартал 2021 година, бројот на вработени изнесува 796 671 лица , 63 734 лица  се вработени. Доколку сите 63.734 работници, односно 8 отсто, работат во ден недела, дневницата за работа во недела на минималната плата од 15 194,00денари ќе им изнесува 1.140,00 ден. (760,00 + 50 отсто),ќе треба да им исплатат вкупно 72 656 760,00 ден на работниците, односно ако ги работат сите четири недели во месецот, работодавачите треба да им исплатат 290.627.040,00 денари на работниците. Доколку работниците примаат просечна плата од 29.145,00 ден. дневницата изнесува 2.186,00 ден. (1457,00 +50%) треба да им се исплати 139.322.524,00 денари, односно ако ги работат сите четири недели во месецот треба да им се исплати 557.290.096,00 ден. Во пресметките не се вклучени придонесите кои треба да се уплатат на државата. Прашуваме, како ако досега овие средства останувале во џебот на овие исти „газди” кои поведуваат иницијатива поради тоа што работниците им работеа во недела без додаток на плата, тие се на работ на егзистенцијата, а не е работникот, истакнуваат од ССМ.

Потенцираат дека излезот од оваа ситуација ќе биде излегување на работниците со синдикатите на  улица и блокирање преку штрајкови и протести, а доколку работодавачите, како што велат,  не ја сфатат пораката и останат на ваквите неразумни ставови ќе мораат да се обратат на друга адреса за работници бидејќи куферите на работниците им се спакувани. -Ваквиот однос на работодавачите кои сметаат дека имаат робови, а не работници претставува карта во еден правец надвор од Државата, па тогаш овие „големи газди” сами со своите семејства ќе си работат во нивните бизниси поради тоа што без работници нема трговија, нема здравство, нема индустрија, без работници ништо нема да работи, наведуваат од ССМ.

Уставниот суд вчера објави дека Стопанската комора на Северна Македонија ги оспорила пред судот законските одредби за прогласување на недела за неработен ден, бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.

Законските измени за недела неработен ден стапија во сила на 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени на 20 декември 2021.

На седницата на претседателството на ССМ е расправано и за средбата  што задутре треба да се одржи во Владата за зголемување на минималната плата на 18.000 денари односно таа да не биде под 60 отсто од просечната плата со задолжително скалесто усогласување – зголемување на останатите плати согласно Законот за минимална плата  и утврдување на право на регрес за годишен одмор за јавен сектор.

Стопанската комора пред Уставен суд ја оспорува недела-неработен ден

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот