ССМ најави штрајк ако брзо не се одглави Законот за неработна недела

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

ССМ предупредува дека ако законот за неработна недела не се донесе за еден месец, ќе повикаат на генерален штрајк, пишува Радио Слободна Европа.

Законот е заглавен во собраниските процедури. Според него, недела треба да биде неработна за 90 отсто од работниците, а тие што ќе работат да добиваат за 50-100 отсто повисока дневница.

Ветениот закон за неработна или платена недела шест месеци е заглавен во Собранието. Ако не се донесе за еден месец, Сојузот на синдикати се закани со генерален штрајк. Тие сметаат дека законите за работничките права треба да бидат приоритет.

Опозицијата веќе со месеци тврди дека со предложеното решение ништо нема да се промени, туку напротив – ќе се зголеми бројот на отпуштени работници. Власта, пак, уверува дека новото парламентарно мнозинство е на повидок и оти законот ќе биде донесен.

Сојузот на синдикати на Македонија е свесен за политичката состојба во земјата, но смета дека со неизгласувањето на законот свесно им се прави директна штета на работниците. Претседателот на ССМ Дарко Димовски потсетува дека законот требаше да стапи во сила до 1 октомври и оти нивното трпение е при крај. Тој вели дека измените се усогласени со социјалните партнери, односно со работодавачите и со владата и пратениците треба само да го изгласаат.

„Гледаме дека пратениците не се сериозни. Со нивното неизгласување за измени на членот од Законот за работни односи за недела да стане неработен ден, ни прават огромна штета на нас работниците, бидејќи 90 отсто од работниците треба да одмараат во недела, а другите 10 проценти треба да бидат минимум за 50 отсто повеќе платени од обичен ден во неделата“, вели Димовски.

Законот беше донесен во прво читање во јули годинава, но во второ читање заглави во собраниската комисија за труд и социјала. Комисијата одржа една седница во јули, а седницата во септември воопшто не почна поради несогласувања меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата. Опозициските пратеници бараа да дебатират за „Информација за реализација на набавката, изградба и пуштање во употреба на модуларните болници“ по пожарот кој што го зафати тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе. По кавгата меѓу пратениците, претседателот на Комисијата Хусни Исмаили ја прекина седницата, а потоа Собранието не работеше поради кампањата за локалните избори.

Министерството за труд и социјала реагираше дека пратениците од опозицијата ја кочат собраниската процедура.

Исмаили вели дека проблемот не е до него, туку до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие самите се виновни. Тие се караат меѓу себе, јас не се карам со нив“, рече тој во септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот