Фото: МИА

ССМ бара измена на Законот за мобинг

Измените на Законот за заштита од вознемирување на работното место или носењето на нов закон останува отворено прашање иако иницијативата за измени е започната уште пред три години.

Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА велат дека постапката за анализа на потребата од изготвување на нов закон е почната и е формирана работна група, но досега никој не ги повикал.

– Практиката покажа дека законските решенија не обезбедија задоволителна правна рамка за ефикасна заштита од вознемирување на работното место. Од тие причини пред три години се започна со постапка за анализа на потребата од изготвување на нов закон, ССМ има свој претставник во работната група, но од непознати причини веќе цела година работната група не е повикана да го даде своето мислење и да продолжи со работа – нагласуваат од ССМ.

Посочуваат дека имплементацијата на Законот донесен во 2013 година покажала оти има потреба од подобрување на одредбите и негово усогласување со меѓународните трудови стандарди.

До ССМ, кој нуди бесплатна правна заштита за правата од работен однос, од 2013 година досега имало 25 обраќања по основ на вознемирување на работното место.

Најголем број обраќања имало во 2013 година, осум, а следната 2014 година седум обраќања.

Во 2024 година, до ССМ по овој основ помош побарале две лица, а претходната година три лица. Податоците од ССМ покажуваат дека во 2017 и 2018 година немало ниту едно обраќање, а по едно обраќање е евидентирано во 2016 година и 2019 година. Во 2015 година имало три обраќања.

Психичкото вознемирување е негативна појава на работното место која има последици врз физичкото и менталното здравје на работниците, влијае на продуктивноста и квалитетот на работата, а пошироко има сериозни негативни импликации во семејството и општеството воопшто.

Оваа широко распространета негативна појава, бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување. Потребно е да се работи и на едукација на работниците за остварување, унапредување и заштита на нивните права.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот