ССМ: Ако не се почитуваат работничките права, Отворен Балкан ќе ги „лапне“ македонските работници

Фото : Работници на железничка пруга во Италија -EPA-EFE/CLAUDIO GIOVANNINI

Ако не се почитуваат работничките права новиот договор кој доаѓа со Отворен Балкан од 1 јули ќе ги испразни работните места во земјава, коментираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Нивната реакција доаѓа по изјавата на српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ дека работниците од Србија, Македонија и Албанија ќе добијат единствен број за идентификација и ќе можат лесно да се вработуваат во сите држави без разлика каде живеат.

– Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата , наша заложба е работниците и граѓаните првенствено да го остваруваат правото на работа , плата и достоинствена егзистенција во сопствената држава . Од тие причини при креирањето на националните стратегии и политики за економски развој се залагаме за финансиски закони и принципи за привлекување на нови инвестиции кои ќе овозможат креирање на поголем број реални и одржливи работни места- велат во ССМ .

Работници на коридорот 8/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

При тоа синдикатот единствено и бескомпромисно поддржува пристојна работа со целосно почитување на правата од работен однос и грижа за приоритетите и интересите на државата , граѓаните и работниците. Од таму велат дека земјите од отворен Балкан се подолг временски период апликанти за членство во ЕУ и од тој аспект се очекува од нив да го усогласат националното трудово –правно законодавство со правото на ЕУ и меѓународните трудови стандарди.

– Тоа ќе овозможи еднакви услови за работа во сите земји од регионот , но сепак предност за секој работник кој ќе остане на работа во својата земја е тоа што нема да има трошоци за сместување , патни трошоци и др и секако што е исклучително важно и мотивирачки нема да биде одделен од семејството и брзо и ефикасно ќе биде во состојба да ги задоволува своите социјални и општествени потреби- велат во ССМ.

Според нив доколку владините мерки и програми не создадат услови за економски развој , а со тоа и пристојна работа за граѓаните, односно доколку не се создадат услови за пораст на платите со кои егзистенцијата на работниците и нивните семејства ќе биде обезбедена и доколку не се прифатат и барањата на ССМ за почитување на основните права од работен однос, право на осум часовно работно време, право на дневен, неделен и годишен одмор, право на работа на неопределено време, здрави и безбедни работни услови со целосно почитување на работничкото достоинство, работниците ќе си заминат од земјава.

Градежни работници згради градилиште / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Ако не се подобрат условите кои ги нуди Владата и работодавачите секако работниците ќе заминат во други земји за обезбедување на своите егзистенцијални права- велат од ССМ.

Цела работа започна пред некоку денови кога српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ изјави дека работниците од Србија, Македонија и Албанија ќе добијат единствен број за идентификација и ќе можат лесно да се вработуваат во сите држави без разлика каде живеат- изјави

-Во Отворен Балкан моментално сме фокусирани на пазарот на трудот и работиме на тоа да воспоставиме единствен идентификационен број во јули за сите луѓе на пазарот на трудот во земјите членки на оваа иницијатива. Ова ќе значи дека можат слободно да се вработат во која било од овие три земји- вели Момировиќ.

Тој оцени дека економската интеграција на регионот е еден од приоритетите на неговата земја и дека е многу важна за компаниите, бидејќи, како што наведе, нема поширока економска интеграција додека не се интегрираат соседите. Според Момировиќ, откако се одолговлекува процесот на влез во Европската Унија, трите земји од Западен Балкан решиле да направат чекор напред и така се родил Отворен Балкан.

Ангел Димитров, Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи вели дека за албанските работници кои доажаат во нашата земја ќе има многу бенефити.

Градежни работници лето
Илустративна фотографија на градежни работници / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

– Мислам дека овој договор кој доаѓа со Отворен Балкан во овој момент не би требало да има драстично влијание и да ги намали работниците во нашата земја. Тој што сака да замени ќе оди во ЕУ по повисока плата, а не во Србија. Но за сезонските работници кои доаѓаат во земјава од Албанија ќе биде многу подобро. Тие до сега неможеа да ги остварат работничките права и да се вработат. Сега ќе биде многу лесно- вели Димитров.

Судејќи според огласите за вработување по српските сајтови кои нудат работа, нивните плати се далеку повисоки од нашите.

Од широкиот асортиман на работни места во главниот град Белград, покрај програмери и експерти од ИТ индустријата, се издвојуваат неколку други профили. Се бараат возачи, готвачи, агенти за продажба, занаетчии, келнери, магационери. Меѓу нив доминираат огласи за монтери. Дека овие работни места се навистина многу барани, потврдува и фактот што на работниците им се нуди двојно поголема плата за извршување на овие работни места.

Така, со пребарувањето на порталот за рекламни понуди за работа, се среќаваат случаи каде на келнерите им се нудат плати над 100.000 динари, на возачите над 150.000 динари, на градежните физички работници околу 80.000 динари…Работници за испорака, без разлика дали станува збор за храна или други производи, се повеќе се барани, па затоа бројните курирски служби вработуваат возачи и нудат плати од 90.000 до 150.000 динари. Најбарани се возачите од Б категорија, но се повеќе се бараат и возачи од Ц категорија за превоз на стока од магацините на големите компании.

Угостителството е секогаш отворено за нови работници, а овие три занимања се први на листата. Речиси и да нема огласи каде платата за готвачи е помала од 90.000 динари.

Просечната плата е околу илјада евра, а често надминува и 150.000 динари. Готвачите имаат многу поголема плата, која може да достигне и до 3.000 евра. Помошниците готвачи обично заработуваат минимална плата, но тоа зависи од работодавецот, па нивната плата може да достигне и до 80.000 динари.

Слично е и со работниците во продавниците за брза храна или палачинки, чија почетна плата е во просек од 65.000 до 70.000 динари. Речиси секоја втора реклама е за агенти за интернет продажба или за работа преку Интернет за испраќање за големи компании. За оваа работа најчесто се бара добро познавање на англиски или германски јазик.
Платите варираат и често се пресметуваат на час во валутата во која работи компанијата, како што е доларот. Еден оглас нуди месечна плата од 80.000 до дури 250.000 динари со задолжителни услови „течно да зборувате англиски“ и да „имате исклучителни комуникациски вештини“.

 

Фото: EPA/EFE/ Ѓорѓи Личовски

Магацинските работници се исто така една од дефицитарните професии бидејќи тоа е тешка физичка работа. Нивната очекувана заработка е во просек околу 80.000 динари, а над 100.000 динари.

Бевме заинтересирани и за оглас за таксист во Ниш, кој нуди плата од 70.000 до 100.000 динари со можност за стимулативна заработка. Тоа е потврда дека возачите се неопходни и во овој град.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот