ССК го демантира Филипче: Сојузот не барал задолжителна вакцинација во приватниот сектор

ССК го демантира министерот Филипче/ Фото: Слободен печат/Архива

Сојузот на стопански комори ја демантира вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор како целосно неточна.

-Ниту од наша страна е испратено писмо на кое тој се повикува, ниту такво нешто сме барале од Министерството, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност, соопштуваат од ССК.

Бизнис заедницата која ја застапува ССК смета дека заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.

Сојузот на стопански комори смета дека овие две години уште од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата.

Од друга страна, Стопанската комора на Северна Македонија вчера побара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Само така, сметаат тие, ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси.

Видео на денот