Српските медиуми го критикуваат „недемократот“ Лукашенко дека „продава“ демократија

Лукашенко/ Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој престојува во дводневна посета на Белград, денес зборуваше и во Собранието на Србија, каде на српските пратеници, меѓу другото, им „одржа лекција“ за демократија и слободни избори.

Од друга страна, како што констатираше српски „Блиц“, во неговата земја изборите изгледале вака: во Белорусија нема ниту еден опозициски пратеник во парламентот, еден од неговите најголеми ривали на претседателските избори живее во егзил, а слободата на медиумите и критичкото мислење во голема мера се потиснати.

Обраќајќи им се на пратениците во српскиот парламент, Лукашенко зборуваше токму за претходно споменатите избори, велејќи дека треба да му веруваат, и дека „што се однесува на демократијата и слободите за време на одржувањето на изборите, едностанвно е невозможно да се направави повеќе“.

– Ние толку се трудевме да ги задоволиме и нашите спонзори и навивачите на истокот и во ЕУ и што добивме како резултат? Едни беа воодушевени од резултатите на нашите избори, а други рекоа, бидејќи опозицијата не влезе во парламентот, дека изборите не биле демократски – рече тој.

Тој додаде дека во Белорусија навистина се обидувале да ги задоволат барањата на земјите од западот.

– Ние навистина се трудевме да го задоволиме западот. Повторно дојдоа со некои жолти документи, застарени. Се тоа веќе беше однапред решено. Потпишаа приговор – лошо? Зошто лошо? Затоа што нема опозиција. Јас бев принуден искрено да им одговорам, сакав да има три, пет членови на опозицијата во парламентот, бидејќи и така тие ништо не би можеле да решат. Но, како да ги внесам во парламентот кога добија само 3,5 отсто од гласовите. Максимално двајца пратеници, можеби добија четири отсто од гласовите. Како да ги внесеме во парламентот, уште на демократски начин, како што тие бараат? Не можев за рака да ги внесам – појасни Лукашенко пред српските пратеници.

Лукашенко додаде дека и тој станал претседател кога бил во редовите на конструктивната опозиција (пред 25 години).

– Со мене дојдоа оние кои сега се на чело на различни партии, правци, вклучувајќи ја и опозицијата. Несреќата е во тоа што нашата опозиција работи само на денот на изборите, во краен случај, само на една до две недели пред изборите. Кој народ ќе избере таква опозиција? И нашата опозиција живее од „грантовите“ на американските фондови и други. Народот тоа го знае. Тие никаде не работат, но живеат во убави куќи, возат убави автомобили, оженети се или се разведувале по пет пати, сѐ тоа е трошок и сѐ е во ред – наведе белорускиот претседател.

Инаку, по влезот во собраниската сала, Лукашенко без оглед на протоколот, пред да им се обрати на пратениците, се поздрави и гушна со лидерот на Српската радикална партија Војислав Шешељ.

Како што пренесе „Танјуг“, влезот на Лукашенко во салата бил пропратен со аплауз и овации на присутните пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот