Српскиот политиколог Гогиќ: Рецептот за Палестина и Украина за размена на територии може да се тестира на Косово

Патрола на КФОР во Косовска Митровица - Фотографија ЕПА, Ѓорѓи Личовски

Балканот ќе биде ниско на листата на приоритети на администрацијата на Доналд Трамп, со оглед на неговиот фокус на Кина, Блискиот Исток и Украина, изјави познатиот српски политиколог Огњен Гогиќ, но тој предупреди дека Косово може да биде преседан, доколку не се најдат решенија за светските конфликти, објавија косовските медиуми.

Тој презентираше дека првите назначувања во новата американска администрација укажуваат на тоа дека тие се „јастреби“ кои ќе се занимаваат со Кина, Блискиот Исток и поддршката за Израел.

„Постои и Украина, се разбира, а Трамп е познат како некој кој лично му е симпатичен на Владимир Путин, има прагматичен став кон тој конфликт и верува дека тој треба да заврши што е можно поскоро со отстапки од Киев“, рече Гогиќ.

Според него, не треба да очекуваме дека за ова ќе има поддршка од републиканците.

Гогиќ потсетува дека Балканот не добил никакво внимание за време на кампањата и наведува дека нема индиции дека и сега би бил високо на агендата, бидејќи има поважни глобални прашања за Америка.

Како што истакна, сегашната администрација на Џозеф Бајден не направила многу, ниту се занимавала со регионот на Западен Балкан, бидејќи почнале војните во Украина и Газа.

„Како што Србија и Република Српска сега со нетрпение го очекуваат доаѓањето на Трамп и сметаат дека е поволно за нив, Сараево и Приштина очекуваа повеќе од Бајден

Тој претпоставува дека дури и Трамп нема да има некој особен интерес да се занимава со Балканот, освен во случај кога нашиот регион е поврзан со некое друго прашање.

„Веќе сега се сугерира дека еден од начините за излез од војната во Украина е отстапување територии на Русија“, посочи тој и потсети дека Трамп некогаш имал мировен план за Израел и Палестина, кој вклучувал и одредени територијални отстапки.

„Ако одиме кон таа територијализација на овие конфликти, тогаш Косово може да се појави како преседан на кој подоцна ќе се тестира некој мировен рецепт за Палестина и Украина“, оценува Гогиќ.

Во исто време, тој потсетува дека за време на првиот мандат на Трамп овде се разговарало за можноста за размена на териториите на Србија и Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот