Српскиот епидемиолог Кон го нарече вирусот ковид злосторник, а антиваксерите – соучесници и поддржувачи на вирусот

Предраг Кон /Фото: МИА

Во Србија дојде до вистинско незадоволство кај дел од граѓаните, откако беа воведени задолжителните ковид-пропусници, Тие негодуваат поради новите мерки, но и поради обидот на, како што велат, државата да ги натера да се вакцинираат против своја волја.

Како едни од најголемите виновници за принудната вакцинација, овие луѓе ги посочуваат српските епидемиолози членови на српскиот кризен штаб.

Речиси еден месец српскиот кризен штаб не можеше да се договори околу воведувањето на задолжителните ковид-пропусници. Од една страна, медицинскиот дел на штабот бараше воведување на задолжителни порпусници, но бара и воведување на поригорозни мерки, предупредувајќи дека вирусот зема замав и брзо се шири, и дека бројките на новозаразените и починатите се алармантни.

Србија, Кризен штаб / Фото: Архива

Останатиот дел од кризниот штаб, пред се економистите и политичарите ангажирани во тимот, сметаа дека евентуално воведување на такви мерки би ја уништила и онака ослабената економија на државата која веќе две години е во вонредни мерки од пандемијата.

Тимот сепак направи компромис и се договори за воведување на задолжителни ковид-пропусници, одлука што не беше добро прифатена од еден дел на граѓаните на Србија. Тие почнаа со протести и правење на форма на притисок врз одредени институции на државата, кои ги сметаат за главни виновници за донесувањето на вонредните мерки.

Предраг Кон / Фото: Принтскрин / Јутјуб / Happy TV

Главниот српски епидемиолог Предраг Кон по повод протестот на граѓаните кои извикуваа навредливи пароли пред неговиот стан изјави дека не се плаши, туку дека ваквите „перформанси“ можат да ги поттикнат насилниците да се доживеат како „ херои“ и да го напаѓаат „Секаде каде што ќе им текне“.

Кон, за ТВ Прва изјави и дека сегашната епидемиолошка состојба во Србија покажува дека вирусот е „криминалец и дека најголемиот проблем е што оние што протестираат против вакцинацијата и воведувањето пропусници за ковид „му се приклучуваат и му се сојузници на вирусот“.

„Не се плашам, подготвен сум сериозно да се жртвувам за оваа ситуација, во смисла да работам за Србија. Пропусниците за ковид се здравствена заштита, за да се обезбеди спречување на преносот на вирусот. Овој вирус е криминален, но најголемиот проблем се оние што му се приклучија на вирусот, го бранат вирусот спречувајќи вакцинација“, рече Кон.

Група демонстранти извикуваа навредливи слогани пред станот каде што живее епидемиологот Предраг Кон, а учесниците за медиумите изјавија „дека припаѓаат на организацијата „Лекари и родители за наука и етика“.

Пред две вечери неколку граѓани се собраа пред зградата на епидемиологот Предраг Кон, велејќи дека тој веќе не може да ги дели луѓето на вакцинирани и невакцинирани.

Бранислав Тиодоровиќ/ Фото: youtube/printscreen

Во исто време неколку десетици противници на воведувањето на ковид-пропусниците се собраа и пред домот на вториот епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ, член на Кризниот штаб за сузбивање на заразната болест ковид-19, кој се залага за заострување на епидемиолошките мерки.

Епидемиологот и член на Републичкиот кризен штаб за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, Предраг Кон, вчера изјави дека никогаш нема да го заборави фактот што демонстрантите извикувале и го нарекувале „Менгеле“, пред неговата зграда.

Александар Вучиќ/Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека луѓето организираат протести против воведувањето пропусници за ковид, истите оние кои ги организираа демонстрациите во Белград во јули минатата година кога бараа негова оставка, посочувајќи дека се работи за лица инструирани од српската опозиција.

фото Архива

Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека полицијата многу сериозно ги сфаќа протестите против вакцините пред становите на епидемиолозите Предраг Кон и Бранислав Тиодоровиќ и дека доколку се повторат, ќе побара од демонстрантите кривична одговорност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот